• четврток, 19 декември 2024

Заев од Гевгелија: Продолжуваме заедно да чекориме напред по правиот пат

Заев од Гевгелија: Продолжуваме заедно да чекориме напред по правиот пат
Гевгелија, 29 јуни 2020 (МИА) - Гевгелија не е само најблиската дестинација до ЕУ, на три километри од овде е од ЕУ, туку веројатно го имате едно од најубавите места за живеење, со целата еколошка свесност внатре, со сите перспективи, географска дестинација, мудар и работлив народ. Низ целата таа мудрост тој секогаш знаел да носи мудри одлуки. Мене ми е драго вечерва што можеме да дискутираме со овие вредни луѓе околу мене, порача претседателот на СДСМ и носител на листа на кандидата за пратеници на коалицијата „Можеме“ во Четвртата изборна единица, Зоран Заев на граѓанската трибина во Гевгелија. Пред гевгеличани тој зборуваше за сработеното во изминативе неполни три години, за, како што рече, храброста со која се носеа крупни и храбри одлуки за децениските проблеми, а истовремено се подигнуваше економијата преку храбри економски одлуки. - Веројатно ќе биле полесни одлуките ако биле понавремено донесени, но имавме триесет години тапкање во место, изолирани од светот додека тој иташе напред. Бев прв меѓу еднаквите кога требаше храброст на дело да се бориме против режимот и да ја ослободиме татковината, а и народот од шепотењето, од стравот,од заканите,од уцените,од грабежот,од забеганите проекти на кои ги трошеа народните пари нагласи Заев. Тој посочи дека имал храброст и кога требало да ги решаваме проблемите и прашањата отворени со децении, како што е спорот со името и проблемот од Бугарија пред 20, па и 30 години. - Затоа и сега, ја барам вашата подршка затоа што ова не е само борба за гола власт, туку борба да продолжиме по правиот пат. Во 2016 делегиравте одговорност и носев одлуки без да калкулирам ни за личен рејтинг, ни за политичка кариера, рече Заев Тој нагласи дека Владата предводена од СДСМ ја подигна економијата, ги укинаа квотите за лековите, ја зголеми социјалната помош од 2.000 или 3.000 денари на 11.700 денари. - Доделивме социјална пензија незнаејќи колку тоа ќе го чини буџетот, но знаевме дека имаме граѓани кои животот го дале работејќи за државата, а сега немаат да си ги платат сметките, рече Заев. Тој зборуваше за покачувањето на платите за 21 отсто на просветните работници, за 31 отсто на негователките, за наоѓањето на 1,5 милијарди денари за покачување на платите за 40 отсто, за капитацијата на матичните доктори за 15 отсто, на медицинските сестри за 25 отсто, за зголемувањето на пензиите за 1.740 денари за две и пол години. - Докажавме дека успеавме да ја дигнеме економијата од рецесија од минус 1,8 отсто на 3,6 отсто или за цели 5,4 отсто раст на екомијата. Ја вративме и ефтината тарифа, со што заштедивме 11,4 милиони евра, истакна лидерот на СДСМ. Со мој ДДВ, рече Заев, враќаме 10,5 милиони евра за само три квартали. - Ги принудивме сите да издаваат фискални сметки и тие пари ги враќаме на  граѓаните, додаде тој. Заев зборуваше и за покачување на платите во приватниот сектор со плаќање на придонесите од Владата и за ред други придобивки, како покачување на минималната плата од девет на 14.500 денари и растото на просечната плата од 22.300 на 27.400 денари. - Во Гевгелија 357 фирми добија од државата директна помош за плати од 14,500 денари и супституција за придонесите за плати. 56 компании добија бескаматни кредити од Развојната банка, а 5.400 граѓани досега добиле државна платежна картичка. Сé се тоа ваши пари пуштени назад. На времето одеа во споменици, во музеи и во жални врби. Има компании кои зборуваат и во гевгелиско-валандовскиот и во струмичкиот и насекаде дека првпат добиле нешто од државата, добиле пари и поддршка. 70 милиони евра го помогнавме стопанството само од буџетот. Отворивме 64 илјади нови, конкретни, реални работни места. А ќе продолжиме уште повеќе, уште подобро, посочи Заев. Тој најави дека во следниот четиригодишен мандат вкупно 600 милиони евра ќе насочат кон домашните компании и странските директни инвестиции, 300 милиони ќе бидат директна буџетска поддршка, а 300 милиони евра од европските фондови. - Следува четврт пакет на мерки за поддршка во кој сите пензионери со пензија под 15.000 денари ќе добијат државна платежна картичка и ваучер. Сите невработени, пасивни баратели на работа ќе добијат следен пакет на државна платежна картичка, сите неевидентирани невработени, најсиромашните граѓани ќе добијат државна платежна картичка за да ги потрошат парите, да решат некој проблем дома но и да поддржат и туризам и  угостителство и да купуваат домашни производи и услуги, додаде Заев. Тој нагласи дека обнова не и треба на државата, туку на ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека како водечка политика оваа партии во југоистокот ја промовира мерката за повторно отворање на рудниците, со што директно оди против волјата на народот, на директна штета на здравјето на граѓаните и на здравата животна околина во овој богат земјоделски крај. - Во југоистокот ќе ги отворале рудниците. Да ги потсетам граѓаните како беше 11 години додека беа тие власт, молк, не смееше да има протест, не смееше да има референдум. Се дигнаа граѓаните против рудниците заради слободата што ја има сега и порачаа да не му падне на никој на памет да отвора рудници, За 48 часа го слушнавме гласот на народот и направивме корекции. Ги укинавме концесиите. Прво во Казандол, а потоа и за Иловица во струмичко. Тие носеа концесии, ние укинувавме концесии. Секој глас за Александар Николовски е глас да се вратат рудниците во струмичкиот и гевгелиско-валандовскиот крај. Ова е европско богатство на земјоделие и на екологија и треба да го заштитиме до крај. Тие ги даваа концесиите, ние ги укинувавме. Сега треба да видиме дали сме исти, не сме исти, комплетно сме различни, порача Заев. Тој нагласи дека сега одлуката е на народот. - Ова не гола борба за власт оти ако била и ние ќе сме калкулирале, но ние сме носеле исправни одлуки за народот и државата и да оставиме нешто на децата, рече Заев. Тој потенцира дека од овие одлуки добивме иднина, оти сега сме членка на НАТО, со што е гарантиран територијалниот интегритет на земјава, а од есен ќе отвориме и поглавја од преговорите за членство во ЕУ. На крајот од своето обраќање тој ги повика гевгеличани да излезат на изборите кои ќе бидат безбедни по здравјето, да заокружат 3 за СДСМ и коалицијата „Можеме“, со цел како што рече „да продолжиме заедно уште повеќе, уште подобро да работиме за економски напредок на нашата земја“. им/сп/

Остани поврзан