• вторник, 05 ноември 2024

Завршува ИФАД  „Стоби 2022“

Завршува ИФАД  „Стоби 2022“
Велес, 1 октомври 2022 (МИА) - Во чест на лауреатите, вечерва во 20 часот  на сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес во рамките на годинашниот 19-ти Интернационален фестивал на античка драма „Стоби 2022“ свој настап ќе има Националната опера и балет, со изведбата на современата балетска претстава „Госпоѓиците од Авињон“, со музика на Калиопи, кореографија на Олга Панго, либрето на Сашо Димоски. Тие ќе настапат веднаш по доделување на наградите на фестивалот Гран при за најдобра претстава,за најдобра женска и машка улога и за најдобра режија. Во официјална селекција на 19 ИФАД „Стоби“ се претставите кои во изминатите денови беа изведени на програмата „Антигона“, според Софокле, во режија на Диего Де Бреа, продукција на „Београдско драмско позориште“ од Србија, со која на 17 септември се отвори фестивалот. На 19 септември на истата сцена,  се изведе претставата „Ифигенија“, според Еврипид, во режија на Зоран Ракочевиќ, настаната во копродукција меѓу „Корифеј театар“, ЦК „Колашин“ и ЦК „Бјело Поље“, сите од Црна Гора. Изведбата на претставата „Одисеј“ од Александар Секулов, според Хомер, режија на Диана Добрева, продукција на драмскиот театар  „Н. О. Масалитинов“, од Пловдив, Бугарија беше на 24 септември. Народниот театар од Ниш, Србија на 26 септември ја изведе претстставата „Еден Едип“, по авторски текст на А. Н. Роса, во режија на Југ Ѓорѓевиќ. Последен наслов во официјалната селекција на 28 септември беше  „Пандорината кутија: наследството на ќерката“ од Ришард Ниечим и „Медиа Артес“. Сашо Димоски селектор на фестивалот  и директор на Велешкиот театар во изјавата за МИА, оценува дека за разлика од изминатите години оваа година на ИФАД „Стоби 2022“ на публиката и понудиле разновидна програма со претстави, придружна програма и off-програма на фестивалот. -Годинашната програма на ИФАД „Стоби 2022“ е поинакво искуство во сето она што досега значел Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. Се надевам дека годинашното издание ќе помогне во тоа фестивалот да го издигне своето реноме на уште повисоко ниво и да стане една сериозна платформа на интернационална комуникација и создавање театарска уметност, потенцира  Димоски.ад/вј/

Остани поврзан