• понеделник, 23 декември 2024

Заврши 45. издание на Струшка музичка есен

Заврши 45. издание на Струшка музичка есен
Струга, 20 септември 2021 (МИА) – Состојбите и перспективите во македонската музичка култура беа тема на 45. издание на Струшка музичка есен, што се одржа во Струга во организација на Сојузот на композиторите на Македонија. Аналитичкиот пристап кон оваа тема, според, селекторот Мирјана Павловска-Шулајковска, отвора широк дијапазон за претставување на трудови и истражувања, кои сеопфатно и точно го отсликуваат третманот на современото македонско музичко творештво од сите можни аспекти. Неговата презентација на домашните и странските концертни подиуми согледани низ репертоарите на изведувачите, низ призмата на заштитата на авторските права, преку застапеноста на македонското музичко творештво во медиумите, како и начинот на нивното претставување, поттикнуваат интерес за истражувања во овој домен на валоризацијата на македонското музичко творештво. - Посебно внимание упатуваме кон местото и улогата на македонските продуктивни уметници, стимулацијата и развојот на нашата композиторска мисла, согледани континуирано во изминатите години и особено во сегашниот период на пандемијата со Ковид-19, како и формите за нивно зачувување и афирмирање претставуваат актуелни елементи кои се надоврзуваат на веќе создаденото на нашата почва, истакна Павловска Шулајковска. Во рамки на конференцијата беа одбележани и јубилеите на македонските творци - Благоја Ивановски (100 години од раѓањето), Драган Ѓаконовски-Шпато (90 години од раѓањето), Тома Прошев (90 години од раѓањето), Стојан Стојков (80 години од раѓањето), Властимир Николовски (20 години од смртта) и Драган Шуплевски (20 години од смртта). сс/бт/

Остани поврзан