• понеделник, 23 декември 2024

Заврши 37.издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“

Заврши 37.издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“
Штип, 23 октомври 2022 (МИА) - Заврши 37.издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“. Оваа година фестивалот немаше натпреварувачки карактер. На ревијалната вечер синоќа се слушнаа вкупно 18 песни на сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, каде што по две години поради пандемијата се врати во оваа сала, каде се испеани безвременските хитови. Новина е што публиката во текот на годината ќе одлучи која песна ќе биде најслушана, а на 38.издание на „Макфест“ во 2023 година ќе се додели парична награда. Општина Штип беше организатор на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ заедно со спонозори и општествено одговорни компании. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов за МИА вели дека годинава фестивалот беше со нова енергија. - Оваа година единствениот фестивал на поп музика во Македонија, Макфест дефинитивно понуди несекојдневни композиции спакувани и адаптирани на новите трендови, со уникатна презентација од познати но и нови музички имиња. Навистина ми е драго што Макфест по 37 ми пат ја збогати македонската поп музика со нови композиции, рефрени, како и со нови музички имиња и надежи, вели Јорданов. Во текот на ревијалната вечер се слушнаа новите песни на Тамара Тодевска, Ален Исламовиќ, Ламбе Алабаковски, Викторија Лоба, Мартијан Кириловски 2 Бона. Водители на фестивалот беа Маријана Стојановска и Димитар Атанасовски, а на сцената како презентери се појавија и Лила Филиповска, Борко Ристовски и Миланка Рашиќ. вдј /цр

Остани поврзан