Заврши целосната реконструкција на улицата „Петрит Бомова“ во Дебар, еден од неколкуте капитални проекти
- Со средства од првиот повик на Министерството за локална самоуправа, за добивање средства од унгарскиот кредит со кофинансирање од страна на локалната власт, финализиран е еден од капиталните проекти во Дебар, целосната реконструкција на улицата „Петрит Бомова“ (поранешна Здравко Чочковски), во горниот дел на градот, каде што живеат неколку илјади граѓани.
Дебар, 31 август 2025 (МИА) - Со средства од првиот повик на Министерството за локална самоуправа, за добивање средства од унгарскиот кредит со кофинансирање од страна на локалната власт, финализиран е еден од капиталните проекти во Дебар, целосната реконструкција на улицата „Петрит Бомова“ (поранешна Здравко Чочковски), во горниот дел на градот, каде што живеат неколку илјади граѓани.
-Денеска ја завршивме целосната реконструкција на улицата „Петрит Бомова“, што е уште еден чекор кон подобри услови за нашите граѓани. Уживајте во овој нов и безбеден пат! Не запираме – продолжуваме без прекин со други проекти, еден по еден, за поразвиен и поубав Дебар, објави градоначалникот Хекуран Дука.
Тој за МИА рече дека вредноста на проектот е 7.180.904 денари со вклучен ДДВ, при што од овој износ општината кофинансирала 5.740.000 денари.
-Споменатата улица по многу години запуштеност и жална состојба, го доби потребниот лик. Овој долгоочекуван проект не беше лесен. Интервенциите на старите улици секогаш носат предизвици, особено со подземната инфраструктура – канализациска и водоводна мрежа, кои бараа длабоки и внимателни интервенции. Со посветеност и неуморна работа, продолжуваме кон финализирање на работите и на други улици. Нашите граѓани го заслужуваат тоа, посочи Дука.
Според него, на првиот повик за добивање средства од унгарскиот кредит, на Општина Дебар и биле одобрени четри проекти и добила 700 илјади евра, за реконструкција на три улици во градот и изградба на водовод во Могорче, кое е најголемо село во општината.
На вториот повик одобрени и се 2,080 милиони евра за реализација на 22 инфраструктурни проекта, кои целосно ќе бидат покриени со овие средства. Со овие средства планирана е реконструкција на повеќе улици во градот, изградба на локален пат во село Долно Косоврасти, пат за село Бомово, реконструкција и доизградба на патни правци кон неколку села, изградба на канализациска мрежа во населбата „Венец два“ и проширување на водоводната мрежа во градот. вт/вј/
Фото: Дука ФБ