• недела, 22 декември 2024

Заврши Фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2024“

Заврши Фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2024“

Штип, 27 октомври 2024 (МИА) - Заврши 39. издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“. Годинава на сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип беа промовирани 28 нови композиции. Во рамки на двете фестивалски вечери беа испеани 13 песни од дебитанти, од кои синоќа публиката слушна пет песни.

- Втората вечер слушнавме вкупно 20 композиции. Целиот фестивал беше придружуван од оркестар во живо, и музиката и интерпретацијата на пејачите и групите беше во живо. Оркестарот дополнително свираше врз матрица. Синоќа ја доделивме и наградата за најслушната композиција меѓу двата фестивала, тоа е песната „Сафир“ на Таско и Малена, изјави продуцентот на фестивалот Алексадар Арсовски.

Тој за МИА додава дека е задоволен како годинава изгледаше и помина 39. издание на „Макфест“. Вели дека по веднаш по завршувањето на 39. издание, почнуваат со планови и подготовки за 40-тото јубилејно издание на Фестивалот. Открива дека како организатори планираат наредната година во чест на големиот јубилеј на фестивалот да има три фестивалски вечери, од кои две како годинава, а на третата ќе бидат изведени околу 20 макфестовски евергирани. 

Синоќа на сцената можеа да се видат и познатите македонски пејачи и пејачки, со новите макфестовски хитови, како што се Дарио, Елена Ристеска, Дани Димитровска, Полина, Павле Камиловски и други познати интерпретатори, а беспрекорни беа и водителите Маријана Станојковска и Димитар Атанасовски.

Фестивалот „Макфест“ финансиски е поддржан од Општина Штип и општествено- одговорни компании во висина од пет милиони денари, а од Министерството за културата и туризам финансиската помош е еден милион денари. вдј/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан