• четврток, 21 ноември 2024

Заврши проектот „Застапувај, делувај, придонеси за почист град“

Заврши проектот „Застапувај, делувај, придонеси за почист град“
Гостивар, 25 јули 2020 (МИА) - Со делење на каталогот од творбите на децата учесници на кејот на Вардар, вечерва беше означен крајот на проектот „Застапувај, делувај, придонеси за почист град“. Невладината организација „Иницијатива за граѓански интеграции“ (ИГИ) проектот го започна во март и имаше за цел да ги мотивира учениците да ги напишат или насликаат желбите каков да биде нивниот град. На објавената тема „ Гостивар мој еко град“ триесетина ученици ги доставија творбите кои од денес се во една збирка (каталог). Организаторите од ИГИ наведоа дека во таа книга ги има желбите и идеите на дечињата прикажани со цртеж, песна, што од друга страна покажува дека еколошката свест кај децата е развиена, а секое дете има право на чиста и здрава животна средина. – Овој проект има пет активности и токму вечерва ја заокружуваме последната. На овој начин јавно со сограѓаните ги споделуваме желбите на децата и нивните замисли за тоа Гостивар како еко град. За жал заради состојбата со пандемијата не успеваме да ги реализираме некои од активностите на начин кој беше предвиден, но сепак сме задоволни од поддршката и одзивот. Сите тие заедно на едно место испраќаат една убава порака, изјави Сунчица Ѓурчиновска координатор на проектот. Покрај соработката со локалните инспектори за екологија и делење на еко – творби од материјали за рециклирање, беше изработен и спот со мотиви од градот преку кој децата добиваа инспирација, Овој проект е добиен во рамки на „Граѓанскиот ресурсен центар“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) од Гостивар и Медиа Плус од Штип. згм/дма/

Остани поврзан