Започна двегодишниот мандат на Грција како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН
- Грција ќе игра суштинска улога во ко-обликувањето на меѓународната политика за глобалната безбедносна архитектура и ќе има значаен глас, улога и одговорност во глобалните случувања, порача шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, по повод почетокот на мандатот на земјата како непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 2 јануари 2025 (МИА) – Грција ќе игра суштинска улога во ко-обликувањето на меѓународната политика за глобалната безбедносна архитектура и ќе има значаен глас, улога и одговорност во глобалните случувања, порача шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, по повод почетокот на мандатот на земјата како непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, јави дописничката на МИА од Атина.
Мандатот на Грција е во периодот 2025-2026 година, што според министерот за надворешни работи, е во „особено критичен период“, а паралелно посочи дека ќе работат билатерално и мултилатерално со сите земји-членки на ОН.
-Посветена на водењето надворешна политика заснована на принципи, вредности и меѓународното право, намерата на Грција е да дејствува како стабилизирачки фактор, да биде мост меѓу Северот и Југот, Истокот и Западот и да придонесе за враќање на вистинското значење на принципот на мирно решавање на споровите. За да ја одржиме целта на Организацијата, односно обединување на сите народи во светот за да работат за мир, за време на нашиот двегодишен мандат, ќе работиме билатерално и мултилатерално со сите земји-членки на ОН, промовирајќи ја мултилатералната дипломатија и принципите на Повелбата на ОН, истакна Герапетритис во неговата порака по повод мандатот на Грција.
На почетокот на јуни минатата година, грчката кандидатура за непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации за периодот 2025 - 2026 година, беше поддржана од 182 држави, од вкупно 188 земји кои гласаа, а Герапетритис тогаш коментираше дека е „историски ден за Грција“. ср/сд/