• недела, 22 декември 2024

ЖФК Љуботен со девет засилувања во летниот период, пред квалификации за Лига на шампиони

ЖФК Љуботен со девет засилувања во летниот период, пред квалификации за Лига на шампиони

Тетово, 20 август 2024 (МИА) - Актуелниот првак во женскиот фудбал ЖФК Љуботен од Тетово ги финализираше летните засилувања, па на екипата и пристапија вкупно девет нови фудбалерки. Потпишан е договор и со Хава Мустафа, сениорска репрезентативка на Македонија која доаѓа од ЖФК Шкендија Тетово.

- Хава Мустафа е несомнено најдобриот играч во Полог но и пошироко конечно во најдобриот клуб во државата. Хава може да помогне во која било линија, на која било позиција, но најголемата ќе биде во нападот каде се очекува многу голови, посочи Драгољуб Јовановски, потпретседател на ЖФК Љуботен.

Во изминатиот период, за тетовскиот клуб потпишаа четири фудбалерки од Колумбија, репрезентативката Ингрид Видал, како и Паула Алехандра Валбуена, Карина Мичел Бермудес, Алехандра Карен Родригес. Од Србија доаѓа Нина Миленковиќ, а од македонските клубови Александра Јовановска од Шкендија, Настасија Накова од ЖФК Скопје и Данче Карпузовска од Вардар.

- Ингрид Видал во своето портфолио има репрезентативни настапи на Светско првенство, Олимписки игри, Пан-американски игри, како и клупските во Конмебол Либертадорес Фемина. Со Ингрид, нападот станува суперсилен и вистинска опасност за сите не само во домашното првенство туку и во претстојните настапи во Лигата на шампионите. Ингрид Видал неспорно ќе биде најзвучното и најквалитетното име кое до сега има настапувано во Македонија, како според квалитетот така и според нејзината биографија, посочуваат од ЖФК Љуботен.

ЖФК Љуботен од 4 до 7 септември во Холандија ќе игра квалификациски турнир во првата рунда од женската фудбалска Лига на шампиони. Ќе се соочат Валур од Исланд, во полуфиналето, во групата каде играат и домаќинот Твенте и Кардиф сити од Велс. Победниците од овие два дуели играат натпревар за следната фаза на Лигата на шампионите.

ЖФК Љуботен три години по ред е првак на Македонија, а две години и има и двојни титули со оглед на освоените Куп-натпреварувања. ас/

фото  ФК Љуботен и МИА 

Остани поврзан