• вторник, 19 ноември 2024

Жителите на кумановско Лопате бараат соодветна сигнализација на железничкиот премин

Жителите на кумановско Лопате бараат соодветна сигнализација на железничкиот премин

Куманово, 21 ноември 2023 (МИА) - Жителите на село кумановското село Лопате и на селата од соседната општина Липково се жалат на несоодветна сигнализација и небезбеден железнички премин пред влезот на селото. Жителите бараат соодветна сигнализација и подобро уреден и безбеден премин. Како што изјавија за медиумите на преминот често се случуваат несреќи како последната во саботата кога локомотива удри во патничко моторно возило комбе, при што две лица беа повредени.

-Рампата често не се спушта. Тука треба исклучително внимателно да се движиме. Совозачите излегуваат од автомобилите има долга колона сè до училиштето. Не е безбедно, ги замолуваме институциите да постават соодветна сигнализација, постоечката не соодветствува. На пример поминува воз, а рампата не е спуштена изјави Јетула Фазлија, жител на Лопате.

Лекарот Фатмир Асани, секојдневно поминува на рампата по неколку пати во денот. Тој појаснува дека рампата често не се пушта и се случуваат несреќи.

- Сите треба да ги загрижи несоодветната сигнализација. Тука преминот е мошне прооден, како што и самите гледате поврзува луѓе од две држави. Не само месното население, тука поминуваат луѓе од целата државата, од секаде. Претходно кога пред десетина години се градеше железничка пруга се планираше изградба на надвозник, таа идеја замре, вели Асани.

Жителите стравуваат и велат дека секоја година тука има по неколку несреќи, во минатото и со жртви, тешко повредени.

Од Јавно претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје велат дека преминот е заштитен, осветлен и обезбеден.

-Во однос на патниот премин кој го наведувате, можеме да констатираме дека истиот е комплетно заштитен, осветлен и обезбеден со сите предвидени и неопходни сигурносни уреди на највисоко ниво. Од наша страна како ЈП ЖРСМ Инфраструктура се преземени сите потребни мерки во однос на сигнализацијата, велат од ЈП.

Непосредно до старата пруга и преминот во тек е изградба на делницата Куманово-Бељаковце од стратешкиот проект на државата.

-Ве информираме дека на истата е предвидена модернизација на актуелниот патен премин со нови сигнално-сигурносни уреди, рампи и нови гумени елементи на патот, велат од претпријатието. ам/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан