• сабота, 16 ноември 2024

Житарките и ароматизиранот јогурт потенцијално неблаготворни за шеќерот во крвта

Житарките и ароматизиранот јогурт потенцијално неблаготворни за шеќерот во крвта

Лос Анџелес, 19 декември 2023 (МИА) - Навлегувањето во сложените врски меѓу шеќерот во крвта и зголемувањето на телесната тежина открива доста за изборот во исхраната и неочекуваните влијанија од две навидум безопасни намирници, пишува порталот „Ши фајнд“ (She find). Имено, според Мишел Саари, стручњак во проектот „ЕХелт“ (EHealth), ароматизираниот јогурт и житарките се тие што не се препорачуваат за лица со проблеми со шеќерот во крвта.

- Многу житарки означени како здрави, вклучително и оние со додадено овошје или ароми, содржат 10 - 20 грама шеќер и 200 - 300 калории по порција. Додадените шеќери и ниската содржина на влакна во житарките може да предизвикаат брз скок на шеќерот во крвта и поголем вкупен внос на калории, вели тој.

Ароматизираните јогурти со вкус, без маснотии, коишто често се сметаат за здрав избор на храна, всушност може да придонесат за високо ниво на шеќер и зголемување на телесната тежина. Иако овие јогурти содржат „малку маснотии“, според известувањето на пакувањето, честопати вкусот се подобрува со додавање одредени количини шеќер.

Високата содржина на шеќер, во комбинација со отсуството на маснотии, може да доведе до брз скок на шеќерот во крвта, предизвикувајќи одговор на инсулин што е потребен за складирањето на маснотиите. Покрај тоа, недостатокот од маснотии може да ја загрози ситоста, што води кон прејадување.

Говорејќи за житарките, тие се означени како „здрав“ и хранлив појадок. Новите сознанија, сепак, велат дека и овој лесен оброк може да придонесе за скок на шеќерот во крвта и можно зголемување на телесната тежина, поради скриените шеќери и рафинирани јагленохидрати. Тие може да доведат до брзо зголемување на нивото на гликоза. Овој скок предизвикува инсулински одговор кој со текот на времето може да придонесе за зголемување на телесната тежина и отпорност на инсулин.  си/паг/

Фото: Пиксабеј

Остани поврзан