• четврток, 19 декември 2024

Животи погодени од гром

Животи погодени од гром
Прилеп, 8 август 2022 (МИА) - Посетата на згариштата на изгорените куќи е непријатна, болна, буди спомени за она што било и можеше да биде. Поминаа десетина дена откако удар на гром на балконот од една куќа уништи четири домови и на седумина прилепчани им ги смени животните текови. Братучетките Марина Илиеска и Ивона Ѓорѓиеска, врснички, 27-годишни девојки кои се подготвуваа за свадби и веселби, ги паметат седенките во заедничкиот двор. Живееја преку една куќа, поврзани, и роднински и сосетски. Сега погледот им лови непреболни глетки: гаросани лозници кои зачувале по некој грозд, изгорени простории, остатоци од домаќинствата, сајѓосани садови, скршени спомени и зацрнети сеќавања. Ивона Ѓорѓиеска прва го прекинува молкот совладан од сеќавања. - Незамисливо е чувството. Одиш низ чаршијата и те среќаваат познаници, пријатели, роднини, знајни и незнајни, полни со сочувство. Ни даваат пари. Ни требаат за секојдневно да поминуваме. Да ручаме. Се насмевнуваш за да укажеш дека го прифаќаш тоа, а во душата нелагодност - сето што го носам е позајмено, донирано. Немам ништо свое. А сум имала. Колку-толку, какво е, такво е - мое било. Сега е гаросано, исчезнало. Тешко е да го голтнеш достоинството и отворено да речеш: Ми треба помош за да го почнам животот одново. Ама мора така да биде, вели дипломираната нутриционистка Ивона, која сѐ уште е во потрага по работа. Марина Илиеска, со безрезервни поддршка и разбирање за братучедата, додава дека со пожарот не ми изгоре само куќата - ми изгоре душата. - Синоќа ја сонував баба ми. Ми беше и мајка и татко по разводот на родителите. Ми купуваше работи - соковници, тенџериња, работи кои на млада жена ѝ требаат. Ми рече: Маце, чувај ги, ќе ти требаат. А сега ги нема, не се воздржува Марина да ги покаже чувствата, да го пушти плачот од дното на душата. Сонцето ги провира зраците низ лозницата, низ голите поцрнети ѕидови и отворените прозорски дупки. Грозје останало. Нешто ќе узрее, ќе го продолжи животот. Разговорот се разврза - што да се прави сега? - Има хумани луѓе и фирми. Почнаа да стигнуваат донации. Од фирми, од поединци. Сега нѐ препознаваат на улица како луѓето чии домови изгореа по удар на гром. Малку е непријатно дека те сожалуваат, но мора да се подголтне. Навистина ни е потребна помош, не се срамам да кажам отворено. Седуммина сега сме вистински бездомници. Еден, инвалид е, сместен во старскиот дом во Прилеп, а ние другите сме под кирија. Сместени сме во куќа кај Варош. Треба да имаме состанок во локалната самоуправа. Комисија треба да направи процена на штетата, да се види со легализацијата, сето да оди законски. Потоа, со стопанствниците и градежниците за помош при обновата. Ама, сигурно ќе потрае со месеци. Луѓето ни излегувата во пресрет. Се јавија доброволци - мајстори. Им благодариме. Во моментов ни се потребни постелнина, садови за домаќинството, да ги живееме деновите. И можност да го користиме градскиот превоз од куќата каде сме сместени. Потоа, и материјали за обновата, објаснува Марина Илиеска, која е правен соработник во адвокатска канцеларија. При седенката пред згариштата на некогашните домови на четирите прилепски семејства, се придружува и мајката на Ивона, 63-годишната Марика. Се вратила по примањето инјекција. Вели, од несреќата, сите се со стресот, со потреба од лекови. Да се смират, да се вратат во секојдневните текови. - Цело време сме со лекови. Шокот сѐ уште е присутен. Болка ми е што ќерка ми го трпи сето ова, тажно вели Марика Ѓорѓиеска. На овие зборови молчиме. Тие - со тагата по загубените спомени, сеќавања, по смеата, радоста и тагата од секојдневието. Ние - поради неповратната загуба која секому може да се случи. Предметите се надоместуваат, ама не може да оживеат споменте што ги носат. Остануваат токму само - сеќавања. Прилеп сака да помогне. Радосно беше чувството кога секцијата на фризери и бербери среде град, под Саатот, организираше акција. Се правеа фризури, граѓаните се потстригуваа, сите за да покажат дека ќе помогнат. Средствата се за семејствата. - Ова е поттик за сите и за хуманоста. Да потсетиме дека кога е најтешко сите сме тука да помогнеме. Очекувам овој хуман чекор ќе го следат и другите, ни рече Крешимир Здравески, претседател на занаетчиската секција. Марина и Ивона, врснички, блиски роднини, сосетки и млади жени кои очекуваат нов живот и убави моменти, се упорни да ја разгорат хуманоста на заедницата. Не се срамат да кажат дека им треба помош. Дали студеното време ќе ги затекне под нов покрив, со обновени надежи во новиот живот и во хуманоста кај луѓето, ќе зависи од заедницата. Елизабета Митреска  

Остани поврзан