• петок, 22 ноември 2024

Жестоки судири во Картум додека армијата се обидува да ги потисне паравоените сили

Жестоки судири во Картум додека армијата се обидува да ги потисне паравоените сили

Картум, 4 мај 2023 (МИА) - Жестоки борби се водеа денеска во Картум, додека армијата се обиде да ги потисне паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) од областа околу претседателската палата и воениот штаб.

Се чини дека двете страни се борат за контрола на територијата во главниот град пред какви било преговори, иако лидерите на двете страни јавно покажаа мала волја да разговараат по повеќе од две недели борби.

Жестоко бомбардирање одекна и во соседните градови Омдурман и Бахри.

Во меѓувреме, Обединетите нации вчера извршија притисок на завојуваните страни во Судан за да гарантираат безбедно минување на хуманитарната помош, откако беа ограбени шест камиони, а воздушните напади во главниот град го поткопаа прекинот на огнот.

Координаторот на ОН за хуманитарна помош Мартин Грифитс рече дека се надева дека ќе има состаноци лице в лице со суданските завојувани страни за два до три дена за да добие гаранции од нив за безбедно поминување на конвоите со хуманитарна помош.

ОН предупредија дека борбите меѓу армијата и РСФ, кои избувнаа на 15 април, може да доведат до хуманитарна катастрофа што може да се прошири и во други земји.

Судан во вторникот соопшти дека во досегашните судири загинале 550 луѓе, а 4.926 се ранети.

Околу 100.000 луѓе избегаа од Судан со малку храна и вода во соседните земји, соопштија ОН.

Армијата и РСФ заедно ја соборија владата со државен удар во 2021 година, но сега тие се борат меѓусебно за моќ, со што го стопираат процесот на транзиција кон демократија и се закануваат да го дестабилизираат кревкиот регион.

РСФ ја обвини армијата дека го прекршила примирјето и дека ги напаѓа нејзините сили од зори, како и за „кукавички“ напад врз станбени области со артилерија и авиони. паг/

 Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан