• недела, 22 декември 2024

Женскиот хор „Менада“ одржа концерт со изведба на македонскиот музички фолклор

Женскиот хор „Менада“ одржа концерт со изведба на македонскиот музички фолклор

Тетово, 19 ноември 2023 (МИА) - Градскиот тетовски женски младински хор „Менада“ по повод на 19-ти Ноември - Денот на ослободувањето на Тетово, одржа концерт насловен „Македонскиот музички фолклор во хорското творештво“

Концертот беше изведен во автентичен етно стил, дел од хористките беа облечени во тетовските градски народни носии. Концертот почна со изведба на „Огрејала месечина“ од триото Шербет, по што трите вокалистки продолжија со заеднички настап со хорот. 

- Овој хор, покрај огромниот репертоар на класични дела од хорската музика од најразлични епохи и стилови, негува и фолклорна хорска музика. Фолклорот е чувар на традицијата. Мост помеѓу минатото, сегашното и иднината. Везовите, носиите, приказните, легендите, ората и песните, кавалите и гајдите-сето тоа преплетени со, само за нас автентичните седум осмини-македонскиот фолклор. За голема пофалба е умешноста на нашите композитори кои твореле ваква музика. Народната песна да се преточи во хорски партитури е вистинска уметност, посочи диригентот и основач на хорот „Менада“, Ивица Зориќ.

Следуваа изведби на композициите „Мариче на стол седеше“, „Моме Стоје“ од Живко Фирфов. Од композиторот Тодор Скаловски беше изведена баладата „Гоце“, потоа „Бојот започна“ од Драган Шуплевски како и „Горо ле горо“ и „Тодорка млада робинка“ од Шуплевски и Скаловски. Дел од концертот беа и „Туѓина“ од Трајко Прокопиев, „Со маки сум се родила“ и „Ако одам во Битола од Љубомир Трифуновски“. ас/бак/

Фото:МИА 

 

Остани поврзан