• недела, 22 декември 2024

ЕЦДЦ: Раст на сексуално преносливите инфекции во Европа

ЕЦДЦ: Раст на сексуално преносливите инфекции во Европа

Брисел, 5 септември 2024 (МИА) - Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) упати повик на преземање итни мерки за ограничување на ширењето на сексуално преносливите инфекции во Европската Унија и во Европската економска област, во услови на регистриран значителен раст на овие заболувања во текот на минатата година. 

Според податоците на ЕЦДЦ, лани во земјите од ЕУ и ЕЕО се регистрирани 300.000 нови случаи на сексуално преносливи инфекции, при што процентот на случаи на гонореја е зголемен за 48 отсто, на сифилис за 34, а на кламидија за 16 проценти. 

Групите со зголемен ризик за изложеност на сексуално преносливи инфекции вклучуваат млади луѓе на возраст меѓу 15 и 24 години, мажи кои имаат хомосексуални односи и сексуални работници. Овие инфекции најчесто се пренесуваат преку практикување незаштитен сексуален однос, но и од бремена мајка на новороденче, како и при доење. Гонорејата, сифилисот и кламидијата се потенцијално излечиви со антибиотици и други третмани. 

Како една од мерките за намалување на сексуално преносливите инфекции ЕЦДЦ предлага поинтензивна едукација за сексуално здравје и спроведување тестирања. ЕЦДЦ сугерира и за воведување сексуално образование и за достапност до здравствена заштита. 

Меѓу позитивните примери за ограничување на ширењето на сексуално преносливите инфекции е посочена Франција каде кондомите се слободно достапни за младите до 26 години. 

Центарот апелира до европските земји и да работат на прибирање повеќе податоци за недоволно проучените групи, како што се сексуалните работници, со цел да се изработат подобри превентивни стратегии. 

- Недостигот на податоците ја ограничува можноста за целосно осознавање на степенот на ширење на сексуално преносливите инфекции и за утврдување на ранливоста кај одредени категории граѓани, се вели во извештајот на ЕЦДЦ објавен по повод Светскиот ден на сексуалното здравје - 4 септември. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан