• недела, 22 декември 2024

ЕЦБ ја намали основната каматна стапка на 3,5 отсто 

ЕЦБ ја намали основната каматна стапка на 3,5 отсто 

Брисел, 12 септември 2024 (МИА) - Управниот совет на Европската централна банка (ЕЦБ) на денешниот состанок донесе одлука за намалување на својата основна каматна стапка за 0,25 процентни поени на 3,5 отсто, како одговор на падот на инфлацијата и на показателите за слабеење на економијата во Еврозоната во текот на летните месеци. 

Банката во денешната одлука индиректно најави и дека е можно дополнително олабавување на монетарната политика до крајот на годината, потенцирајќи дека ќе продолжи да ги следи состојбите и во зависност од податоците ќе носи одлуки на секој нареден состанок. 

Одлуката е донесена во услови на намалување на обемот на производството во Еврозоната и пад на потрошувачката на домаќинствата во вториот квартал од 2024 година за 0,1 отсто и поради оценката дека високите каматни стапки ќе ја задушат економијата, иако податоците укажуваат оти целта за намалување на инфлацијата под два отсто нема да биде остварена барем до крајот на следната година.   

Во својата најнова прогноза ЕЦБ предвидува дека стапката на инфлацијата ќе падне на 1,9 проценти дури во 2026 година. 

Членката на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел минатата недела предупреди дека не треба да се потценуваат предизвиците поврзани со инфлацијата, иако нејзината стапка во Еврозоната минатиот месец падна на 2,2 отсто, што е најниско ниво во последните три години. 

Остани поврзан