• понеделник, 02 февруари 2026

ЕУ со помош на КфВ ќе обезбеди алтернативно финансирање за малите бизниси во земјите партнери

ЕУ со помош на КфВ ќе обезбеди алтернативно финансирање за малите бизниси во земјите партнери

Брисел, 2 февруари 2026 (МИА) - Европската комисија склучи договор со германската развојна банка КфВ за гаранции во вредност до 135 милиони евра за овозможување пристап до финансирање преку алтернативни канали за микро, мали и средни претпријатија од Западен Балкан, источното соседство, Северна Африка, Блискиот Исток и Турција.

Гаранцијата, која е поддржана од Европскиот фонд за одржлив развој плус (ЕФСД+), првенствено ќе биде наменета за микро, мали и средни претпријатија, кои се соочуваат со најголеми пречки за финансирањето.

- Ја зголемуваме нашата поддршка за стартапите и претприемачите во земјите кандидати, особено за компаниите управувани од жени и оние што се соочуваат со дискриминација, за да се осигуриме дека, како што се шири нашата Унија, никој не е оставен на маргините - изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос по повод склучувањето на договорот.

Еврокомесарката за Медитеранот, Дубравка Шуица, оцени дека ова е одличен начин за поддршка на економскиот развој и остварување на целта за поинтегриран регион.

- Овој договор е насочен кон едно од клучните тесни грла во финансирањето на малите и средните претпријатија, а тоа е обезбедувањето гаранција од банките и микрофинансиските институции за клиентите со кои вообичаено не би работеле - нагласи Шуица.

Членката на извршниот одбор на Групацијата КфВ, Кристијане Лајбах, изјави дека банката е воодушевена што ги здружува силите со Европската Унија за да ја поддржиме оваа иницијатива, што претставува значаен додаток на финансискиот пејзаж во целните региони.

- Флексибилниот пристап кон гаранциите им овозможува на алтернативните финансиери да споделат дел од ризикот и на тој начин да играат поголема улога во подобрувањето на пристапот до капитал за микро, малите и средните претпријатија во соседните региони на ЕУ. Ова ќе ги реши тесните грла за приватните инвестиции и ќе создаде нови перспективи за раст - додаде Лајбах.

Поддршката ќе биде насочена преку Фондот за зголемување на алтернативното финансирање за претприемачите (САФЕ), кој обезбедува гаранции за алтернативни финансиски посредници, вклучувајќи платформи за групно финансирање, институции за микрофинансирање, компании за лизинг и фондови за ризичен капитал.

- Со проширување на пристапот до алтернативни извори на финансирање за недоволно опслужените фирми иницијативата има цел да ги зајакне иновативноста, инклузивноста и конкурентноста во целиот екосистем на микро, малите и средните претпријатија во засегнатите региони - соопшти ЕК.

Европскиот фонд за одржлив развој плус (ЕФСД+) е основан во јуни 2021 година со цел поддршка на јавни и приватни одржливи инвестиции во земјите партнери на ЕУ и како клучна алатка на иницијативата „Глобален портал“ на ЕУ. ЕФСД+ обезбедува грантови и гаранции за инвестициски проекти преку меѓународни финансиски институции и има 39,8 милијарди евра гарантен капацитет на глобално ниво за периодот од 2021 до 2027 година. сп/рп/

Фото: Европска комисија

Остани поврзан