• понеделник, 18 ноември 2024

ЕУ го одбележа Денот на сеќавање на жртвите од глобалната климатска криза 

ЕУ го одбележа Денот на сеќавање на жртвите од глобалната климатска криза 

Брисел, 15 јули 2024 (МИА) - Во Брисел денеска се одржа церемонија во сеќавање на жртвите од глобалната климатска криза, на која присуствуваа еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич и претставници на белгиската Блада.  

Во обраќањето на церемонијата Ленарчич нагласи дека денеска ЕУ по втор пат го одбележува Денот на сеќавањето на жртвите од глобалната климатска криза, со кој се оддава почит на загинатите во големите поплави што на денешен ден пред три години ги погодија Белгија, Германија, Луксембург и Холандија, како на сите настрадани во елементарни непогоди предизвикани од климатските промени. 

- Ја користиме оваа прилика да погледнеме напред кон предизвиците што доаѓаат. Европската Унија ќе продолжи со напорите за ублажување на климатските промени, како и за зајакнување на климатската адаптација и отпорност, давајќи и на следната генерација надеж за подобро и побезбедно утре, истакна Ленарчич. 

Во 2023 година, Европскиот парламент, Советот на ЕУ и Еврокомисијата потпишаа заедничка декларација со која 15 јули е прогласен за Ден на Унијата за сеќавање на жртвите на глобалната климатска криза.  

Како што соопшти Европската комисија по повод денешниот Ден, со неговото одбележување им се оддава почит на загинатите и погодените од климатската криза и служи и како апел за акција за да се минимизира влијанието на климатските промени секаде каде што е можно и да се изгради отпорност за заштита на животите и средствата за живот. 

- Ова е повод да се потсетиме на жртвите во Европа и ширум светот, како и да се подигне свеста за активностите што луѓето можат да ги преземат за да го намалат ризикот од климатските влијанија и да бидат подобро подготвени и да одговорат на климатските катастрофи, посочи ЕК во своето соопштение. 

Еврокомесарот за климатска акција Вопке Хукстра оцени дека климатските промени се јасна и присутна опасност, која е дел од нашата реалност.  

- Пред три години на денешен ден, Белгија, Германија, Луксембург и Холандија доживеаја разорни поплави. Денеска го одбележуваме сеќавањето на луѓето кои загинаа тој ден, но и на секој човек кој го загуби животот поради климатските промени ширум светот. Треба да работиме заедно за да се осигуриме дека нашите општества се подобро опремени да се соочат со климатски катастрофи, на пример, со инвестирање во климатската адаптација, нагласи Хукстра. сп/ 

Фото: ЕК

Остани поврзан