• петок, 05 декември 2025

ЕУ: Ги поддржуваме напорите на ОБСЕ за безбедно, демократско, просперитетно и мултиетничко Косово 

ЕУ: Ги поддржуваме напорите на ОБСЕ за безбедно, демократско, просперитетно и мултиетничко Косово 

Брисел, 30 мај 2025 (МИА) - Европската Унија го поздравува првиот полугодишен извештај на новиот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Косово, Џерард Мекгарк и ја нагласува важноста на нејзините активности за унапредување на односите меѓу заедниците и заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата и ранливите групи, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). 

- Ја повторуваме нашата силна поддршка за значајната работа што ја извршува Мисијата на ОБСЕ во Косово, која се докажа како доверлив партнер на сите заедници и придонесува за безбедно, демократско, просперитетно и мултиетничко Косово, засновано на почитување на човековите права, основните слободи и владеењето на правото, вклучително и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата. ЕУ го поздравува избалансираниот пристап на Мисијата базиран на три програмски столба: човекови права и заедници, демократизација и безбедност и јавна безбедност, се наведува во соопштението. 

Според ЕЕАС, активностите на Мисијата на ОБСЕ треба да се насочат на обезбедување доброволно враќање на раселените лица од Косово, нивна безбедност, заштита на нивните имотни права, вклучително и од спорни експропријации и зачувување на нивното културно и верско наследство, како на пример преку создавањето специјални заштитни зони.  

- Ја истакнуваме важноста на ангажманот со граѓанското општество, вклучително и преку активности ориентирани кон младите, за подобрување на меѓуетничките односи и меѓуопштинската соработка, како и промовирање на дијалогот, се нагласува во соопштението. 

Унијата ги поздравува и напорите на Мисијата за зајакнување на демократските институции на Косово и на подобрување на јавната безбедност, владеењето на правото и транспарентното и инклузивно владеење на централно и локално ниво.  

- ЕУ високо ги цени придонесите на Мисијата за подобрување на меѓуинституционалната соработка на Косово во справувањето со безбедносните предизвици и ризици поврзани со трговијата со луѓе, тероризмот што води до екстремизам, организиран криминал и корупција, како и злосторства од омраза и напади врз новинари и јавни кампањи за клевета, додава ЕЕАС. 

Во соопштението се поздравува и континуираната добра соработка и координација на Мисијата со партнерите во поддршка на мултилатералните напори насочени кон деескалација на тензиите и спроведување на обврските од дијалогот Белград-Приштина, што се води со посредство на ЕУ. 

- ЕУ продолжува внимателно да ги следи случувањата на северот од Косово. Потсетувајќи на нашите претходни изјави, ја повторуваме потребата за утврдување на фактите во врска со експлозијата во Зубин Поток на 29 ноември 2024 година и нападот во Бањска на 24 септември 2023 година и ја повикуваме Србија да ги повика на одговорност и да ги соочи со правдата сторителите на нападот во Бањска. Паралелно со истрагите, ја нагласуваме важноста двете страни да се воздржат од активности што би можеле дополнително да ги ескалираат тензиите, се потенцира во соопштението. 

Во него натаму се изразува загриженост поради неодамнешните „еднострани и некоординирани активности од страна на Приштина на северот на Косово“, вклучително и затворањето на институциите на косовските Срби, што „негативно влијаеше на секојдневниот живот и условите за живот на локалните заедници и би можело да ја влоши кревката безбедносна ситуација на теренот“.  

- ЕУ очекува и Приштина и Белград да ги решат отворените прашања меѓу себе преку дијалогот со посредство на ЕУ. Нагласуваме дека нема алтернатива за дијалогот. Договорот за патоказите кон нормализација и Анексот за негова имплементација, усвоени во февруари и март 2023 година, нудат јасна платформа за унапредување на нормализацијата на односите. Обврските што произлегуваат од овој Договор остануваат важечки и обврзувачки и се интегрирани во соодветните европски патеки на двете страни. Ги повикуваме двете страни целосно да ги спроведат сите обврски без одложување или предуслови, нагласува ЕЕАС. 

Во соопштението се поздравува и усвојувањето на Националната програма за европска интеграција 2024–2028 од страна на косовското Собрание, особено во контекст на Планот за раст за Западниот Балкан и социо-економската конвергенција на регионот, но во исто време се изразува и загриженост поради застојот во работата на Парламентот. 

- Конечно, со силен интерес за политичка и безбедносна консолидација во регионот, ЕУ останува решена да продолжи да му помага на Косово кон трајна стабилност и просперитет, се додава во соопштението на ЕУ. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан