• сабота, 21 декември 2024

ЕУ во Србија ќе ги финансира железницата, пловноста на Дунав и чистата енергија

ЕУ во Србија ќе ги финансира железницата, пловноста на Дунав и чистата енергија
Белград, 8 октомври 2020 (МИА) - Европската унија издвои девет милијарди евра бесповратни средства за Западен Балкан за стимулирање на развојот на регионот, а од тие пари во Србија ќе биде финансирани обновата на железницата, подобрување на пловноста на Дунав, но и преминот кон чиста енергија, изјави денес директорката на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за Западен Балкан, Дубравка Негре. Таа посочи дека, пред сè, станува збор за инвестиции за реконструкција на железничкиот Коридор 10, кој треба поефикасно да ја поврзе Србија со Хрватска и Северна Македонија, но и Белград, Ниш и Приштина. -Ова е сума што ќе даде голем поттик за развојот на регионот, и секако на Србија, и на долгорочното закрепнување од последиците од пандемијата. Целта на овие средства е да се иницира транзиција кон еколошка и одржлива дигитална економија, со цел приближување и интегрирање на пазарот на ЕУ, изјави Негре за ТВ Прва. Според неа, средствата се значително зголемени во споредба со претходниот период, односно последните седум години, што ја покажува посветеноста на Европската унија кон овој регион и потребата за поддршка на економскиот и социјалниот развој. -Освен мобилизацијата на тие девет милијарди евра, дополнителни средства ќе бидат пласирани преку гарантниот фонд за Западен Балкан, чија цел е да се поттикнат инвестициите во следните седум години, во вредност од 20 милијарди евра, во синергија со најповолните заеми и средства и нашата група, т.е. ЕИБ, кажа Негре. Таа потенцираше дека распределбата на средствата ќе биде во согласност со зацртаните проекти, некои што се веќе во планот, но и новите проекти во Србија и регионот. об/

Остани поврзан