ЕУ апелира до косовските политичари да не се мешаат во работата на судството
- Европската унија апелираше до косовските политичари да се воздржат од мешање во работата на судството. Реакција на ЕУ следеше откако вршителот на должноста премиер Албин Курти изјави дека Уставниот суд е „политичка сенка на опозицијата“ и дека работи против неговата партија - Самоопределување.
Приштина, 8 септември 2025 (МИА) - Европската унија апелираше до косовските политичари да се воздржат од мешање во работата на судството. Реакција на ЕУ следеше откако вршителот на должноста премиер Албин Курти изјави дека Уставниот суд е „политичка сенка на опозицијата“ и дека работи против неговата партија - Самоопределување.
„Ставот на ЕУ во Косово е дека еден од основните принципи на владеењето на правото е независноста на судството и дека улогата на Уставниот суд е да го толкува и насочува спроведувањето на Уставот на Косово. Одговорност на сите, вклучително и политичките актери и институции, е да го почитуваат ова и да се воздржат од каква било форма на мешање во работата на судството, вклучително и преку лични напади“, изјави портпаролот на Канцеларијата на ЕУ во Косово, Никола Гаон, за koha.net.
Шефот на мисијата ЕУЛЕКС, Џовани Пјетро Барбано, исто така ги критикуваше нападите врз судот и оцени дека се недозволиви.
„Независноста на судството е еден од темелите на владеењето на правото. Независноста на судиите мора да биде почитувана од сите, во секое време. Непотребното мешање преку лични напади насочени директно кон судиите и обвинителите кои ги извршуваат своите должности е секогаш неприфатливо“, напиша Џовани Пјетро Барбано на Х. зш/