ЕУ, Египет и Јордан ги повикаа Израелците и Палестинците за продолжување на преговорите
- Министрите за надворешни работи на Франција, Египет и Јордан денеска одржаа состанок во Аман за да разговараат за блискоисточниот конфликт.
Аман, 24 септември 2020 (МИА) - Министрите за надворешни работи на Франција, Египет и Јордан денеска одржаа состанок во Аман за да разговараат за блискоисточниот конфликт.
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас се придружи онлајн, бидејќи беше принуден да замине во карантин ден претходно откако член на неговиот безбедносен тим се зарази со вирусот.
- Ја нагласуваме итноста за продолжување на сериозните, значајни и ефикасни преговори засновани врз меѓународното право и договорените параметри директно меѓу двете страни или под покровителство на ООН, рекоа министрите во заедничка изјава.
Тие, исто така, ветија дека и натаму ќе бидат вклучени во создавањето на олеснувачко опкружување за продолжување веродостојни преговори.
- Нема да има сеопфатен и траен мир без решавање на конфликтот врз основа на решение за двете држави, рече висок јордански дипломат Ајман ал-Сафади на брифинг со новинарите по состанокот.
Решението на двете држави значи воспоставување независна палестинска држава со престолнина Источен Ерусалим во границите што постоеја пред Шестдневната војна во 1967 година.
- Нема да има друго решение, рече францускиот министер Жан-Ив Ле Дриан, со слични зборови како и ал-Сафади.
Според него, Палестинците и Израелците треба да ја покажат својата посветеност на дијалогот.
- Ние сме подготвени да го поддржиме овој процес, додаде Ле Дриан.
Четворицата министри исто така ги пофалија неодамнешните договори за нормализирање на врските меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати, Израел и Бахреин. паг/