• понеделник, 23 декември 2024

Еуроникел Индустри и Синдикалната Организација во компанијата потпишаа Колективен Договор

Еуроникел Индустри и Синдикалната Организација во компанијата потпишаа Колективен Договор
Скопје, 28 мај 2021 (МИА) - Еуроникел Индустри потпиша Колективен Договор со Синдикалната организација од компанијата, со кој се дефинирани дополнителни права и бенефиции за приближно1000 вработени. Од компанијата информираат дека Договорот опфаќа подобрување на условите за работа, унапредување на работната средина, зголемување на безбедноста при работа, пораст на платата на вработените и бројни други бенефиции за вработените. Посочуваат дека за Еуроникел Индустри потпишаниот договор е дополнителен чекор во вреднувањето на вработените како најголем капитал и најважна инвестиција на компанијата. - Еуроникел Индустри е компанија која успешно работи благодарение на својот највреден капитал, вработените. Тие се нашата најважна инвестиција и затоа целиме да креираме професионален и компетентен персонал, кој е соодветно вреднуван, а со тоа и мотивиран да го даде најдоброто од себе во раст и развој на компанијата. Она што ние како менаџмент можеме да им ветиме на вработените е долгорочна иднина, стабилност, напредни услови за работа, а со тоа придонес кон поквалитетен живот, рече Герасим Кујунџиев, директор на Еуроникел Индустри. Компанијата во изминатите три години направи големи инвестиции кои директно ги подобруваат условите за работа. - Инвестирањето во вработените, во работната средина во Еуроникел Индустри, како и во самата фабрика се одвиваат во континуитет. Вкупните инвестиции во изминатите 3 години надминуваат 130 милиони евра, а само последните неколку месеци оваа година имаме реализација на инвестиции во опрема која надминува 2,5 милиони евра. Сите овие вложувања имаат за цел да ја подобрат ефикасноста и нормативите на производниот процес, а со тоа да се зголеми и конкурентноста на компанијата на меѓународно ниво, што е од исклучителна важност за долгорочноста на компанијата, истакна Андреас Цагарис од Еуроникел Индустри. Претседателот на Синдикатот Миле Ѓорѓиев го истакна задоволството од досегашната комуникација и соработка и посочи дека потпишувањето на овој Колективен Договор е резултат на нашата континуирана комуникација со менаџментот на компанијата и на заедничките заложби за подобрување на работничките права. - Досега веќе постигнавме многу, оваа година веќе е реализирано покачување на платата, а продолжуваме со секојдневна комуникација за понатамошно подобрување на секој аспект од работата што се одразува врз работниците и нивната добросостојба и задоволство од работната средина, посочи тој. И претседателот на СИЕР, Игор Ѓерасов го поздрави потпишувањето на Колективниот Договор во Еуроникел Индустри и упати порака до сите членови на СИЕР, но и до другите компании кои немаат синдикално здружување, дека уредувањето и унапредувањето на правата на работниците е клучен фактор за постигнување на зацртаните цели на секоја компанија, бидејќи токму работниците се тие што ја креираат најголемата вредност на секоја компанија. - Потпишувањето на Колективниот Договор и сите овие дополнувања на правата на вработените во Еуроникел Индустри се договорени во месец мај во знак на чествување на празникот на трудот и почит кон работничките заложби. Во Еуроникел Индустри моментално работат приближно 1000 вработени, информираат од компанијата. фф/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан