• понеделник, 23 декември 2024

Еуроактив: Се очекува ЕК да препорача почеток на преговорите за БиХ

Еуроактив: Се очекува ЕК да препорача почеток на преговорите за БиХ

Сараево, 12 март 2024 (МИА) - Советот на министри на Босна и Херцеговина на денешната седница треба да расправа за новиот Предлог-закон за Судот на БиХ, што е еден од условите за добивање зелено светло за отворање на преговорите со ЕУ, а европскиот портал Еуроактив пишува дека се очекува Европската комисија да препорача почеток на преговорите.

Во декември 2022 година ЕУ ѝ додели кандидатски статус на БиХ, откако земјата од 2003 година беше кандидат за членство, а своето барање го поднесе во февруари 2016 година.

Лидерите на ЕУ на самитот во декември соопштија дека ќе ги отворат пристапните преговори со БиХ „кога ќе се исполни неопходното ниво на усогласеност со критериумите за членство“.

Тие потоа ја поканија Европската комисија да поднесе извештај до Европскиот совет за напредокот на БиХ најдоцна до овој месец.

Еурактив посочува дека одлуката ќе биде „голема победа за Босна и Херцеговина, кревка земја составена од два ентитета - Република Српска и Муслиманско-хрватската федерација поврзани со слабите власти на ниво на Босна и Херцеговина во Сараево“.

Се очекува Комисијата да презентира писмен извештај за БиХ, додека усната оценка се очекува за Украина и Молдавија до крајот на месецот.

„БиХ ќе им се придружи на Србија, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија, Украина и Молдавија, кои се во различни фази на нивниот пат кон членство во ЕУ“, наведува Еуроактив.

Имајќи предвид дека за почеток на формалните преговори се уште е потребна едногласна одлука на членките на ЕУ, европските лидери се очекува да разговараат за препораката за БиХ за време на редовниот самит во Брисел следната недела. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан