• понеделник, 25 ноември 2024

„Еурактив“: Европската комисија подготвува „единствен пазар“ за одбранбената индустрија 

„Еурактив“: Европската комисија подготвува „единствен пазар“ за одбранбената индустрија 

Брисел, 7 декември 2023 (МИА) - Предлогот на Европската комисија за изработка на стратегија на ЕУ за одбранбената индустрија предвидува воспоставување и обезбедување на систем за снабдување со одбранбени производи, кој ќе опфати мапирање, следење, утврдување на приоритните нарачки и олеснет извоз во ЕУ, наведува „Еурактив“ повикувајќи се на содржината на нацрт-документот на ЕК во кој имал увид. 

- Стратегијата за безбедност во снабдувањето на секоја земја членка треба се повеќе да ја има предвид димензијата на ЕУ и подобро да се искористи еден од водечките силни страни на Унијата - единствениот пазар, се вели во документот. 

Според бриселскиот портал, овој предлог, заедно со двата меморандуми што минатата недела ЕК ги доставила со земјите членки и одбранбената индустрија на ЕУ, треба да ја обликуваат идната Европска стратегија за одбранбена индустрија (ЕДИС), чија цел е зајакнување на соработката во одбраната и обезбедување поголема флексибилност на одбранбената индустрија. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, објавувањето на стратегијата беше предвидено за оваа есен, но еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон најави дополнителни консултации со засегнатите страни и информира дека предлогот ќе биде презентиран следната година. 

Во документот се наведува дека целта на воспоставувањето на системот за снабдување е намалување на ризиците за земјите членки преку менаџирање на ниво на ЕУ, бидејќи функционирањето на меѓународните пазари генерално се влошува, што може значително да ги погоди, па дури и наруши набавките и испорака на одбранбените производи и услуги. 

Комисијата предлага и утврдување на „тесните грла“ во одбранбеното производство, начини за олеснување на трансферот на воена опрема во рамките на ЕУ и препорака до одбранбената индустрија да им дава приоритет на нарачките на државите, пред комерцијалните. 

Дел од овие предлози пролетва беа одбиени од земјите членки за време на преговорите за Законот за поддршка на производството на муниција (АСИП) за потребите на Украина. 

„Еурактив“ наведува дека идејата за „обезбедување ефикасен единствен пазар за одбраната“ е наведена и во нацрт-заклучоците за Самитот на ЕУ, што ќе се одржи следната недела во Брисел. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан