• недела, 22 декември 2024

Ерменија бара итен состанок на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во регионот Нагорно-Карабах

Ерменија бара итен состанок на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во регионот Нагорно-Карабах

Ереван, 12 август 2023 (МИА) - Ерменија го покани Советот за безбедност на ОН да одржи итен состанок поради влошената хуманитарна ситуација во регионот Нагорно-Карабах во Азербејџан, кој главно е населен со Ерменци.

Во писмото до претседателот на Советот за безбедност на ОН, кое Министерството за надворешни работи на Ерменија го испрати синоќа и го објави денеска, ерменскиот амбасадор во ОН Мхер Маргарјан рече дека народот на Нагорно-Карабах „се наоѓа на работ на целосна хуманитарна катастрофа“.

Од декември, Азербејџан го блокираше единствениот пат што води од Ерменија до Нагорно-Карабах, сериозно ограничувајќи ја испораката на храна и медицински материјали во регионот со околу 120.000 луѓе.

„Ерменската влада бара интервенција на Советот за безбедност на ОН за да спречи масовни злосторства, вклучувајќи воени злосторства, етничко чистење, злосторства против човештвото и геноцид“, напиша Маргарјан.

Жалбата на Ерменија дојде откако поранешниот главен обвинител на Меѓународниот кривичен суд во вторникот предупреди дека Азербејџан подготвува геноцид врз етничките Ерменци во својот регион Нагорно-Карабах и го повика Советот за безбедност на ОН да го поднесе предметот пред Меѓународниот трибунал.

Нагорно-Карабах е регион во Азербејџан кој беше под контрола на етничките ерменски сили поддржани од ерменската војска во сепаратистичките борби кои завршија во 1994 година. Ерменските сили, исто така, презедоа контрола на значителна територија околу регионот.

Во конфликтот во 2020 година, ерменската армија беше поразена, а Азербејџан постигна значителни територијални придобивки. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан