• недела, 22 декември 2024

Ереван: Повеќе од 84.000 луѓе се преселија во Ерменија од Нагорно Карабах

Ереван: Повеќе од 84.000 луѓе се преселија во Ерменија од Нагорно Карабах

Ереван, 29 септември 2023 (МИА) - Повеќе од 84.000 луѓе го напуштија Нагорно Карабах и пристигнаа во Ерменија до утринава, соопшти ерменската влада.

„До утринава до 6 часот, во Ерменија влегле вкупно 84.770 раселени лица од Нагорно Карабах“, се вели во соопштението на владината служба.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан верува дека за неколку дена во Нагорно-Карабах нема да има  Ерменци.

„Анализите покажуваат дека во наредните денови нема да има Ерменци во Нагорно Карабах. Ова е директен чин на етничко чистење и депортација, за што долго време ја предупредувавме меѓународната заедница“, рече Пашинјан на владина седница.

Министерството за надворешни работи на Азербејџан ги отфрли обвинувањата на Пашинјан дека азербејџанските власти вршат етничко чистење во Нагорно Карабах.

„Ја отфрламе изјавата на ерменскиот премиер Никол Пашинјан дека ерменските жители од регионот Карабах во Азербејџан наводно биле подложени на етничко чистење“, се наведува во соопштението.

Претседателот на самопрогласената Република Нагорно Карабах, Самвел Шахраманјан потпиша указ за распуштање на сите институции од 1 јануари следната година, соопштија властите на тој мнозински ерменски регион. Таа самопрогласена република ќе престане да постои од тој датум, се наведува во декретот.

Населението на Нагорно Карабах, вклучително и оние надвор од нејзините граници, е покането да се запознае со условите за реинтеграција што ќе ги обезбеди Азербејџан, со цел самостојно да одлучува за можноста за останување во регионот во иднина. Регулативата стапи во сила веднаш по објавувањето.

На 19 септември Азербејџан започна воена операција во Нагорно-Карабах, нарекувајќи ја „антитерористички мерки од локална природа“ за враќање на уставниот поредок во регионот. Ереван ги окарактеризира овие акции како агресија, велејќи дека нема ерменски единици во Нагорно Карабах.

Еден ден подоцна, со посредство на руските мировни сили, беше постигнат договор за прекин на огнот, а меѓу условите на примирјето беше истакнато и разоружувањето на ерменските формации. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан