• недела, 22 декември 2024

Ердоган в четврток ќе ја отвори големата џамија во Тирана, со неа ќе раководи турски имам

Ердоган в четврток ќе ја отвори големата џамија во Тирана, со неа ќе раководи турски имам

Тирана, 8 октомври 2024 (МИА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во рамки на мини балканската турнеја, в четврток ќе престојува во Албанија, каде што свечено ќе ја отвори големата џамија во центарот на Тирана.

Како што јавија албанските медиуми, покрај средбата со албанскиот премир Еди Рама, Ердоган ќе ја отвори џамијата  „Намазѓа“, за чија изградба најголем придонес има токму неговата земја.

Турскиот претседател присуствуваше и на церемонијата на започнувањето на изградбата во 2015 година, нарекувајќи ја „единствениот симбол на братството меѓу нашите две нации“.

Овој верски објект веќе подолго време е завршен, но турската Влада до сега не прифаќаше да ја предаде поради „конфликтите“ на турските владини претставници со претставниците на Муслиманската верска заедница во Албанија, обвинувајќи дека дел од имамите и раководството се поврзани со организацијата „Фето“.

Министерството за верски прашања во Турција за имам на џамијата го назначи Енес Бастур.

„Со инструкции на нашата Управа за верски прашања, бев распореден во големото светилиште на централната џамија Намазѓа во Тирана“, објави Бастур на социјалните мрежи.

Џамијата архитектонски е слична на оние во Истанбул, ќе може да прими повеќе од 5.000 луѓе во исто време. Во објектот има библиотека, културен центар и конференциска сала. Освен што на ова место ќе може да се изучува Куранот, ќе може да се учи и турскиот јазик. За нејзината изградба Турција инвестирала околу 30 милиони долари и се смета за најголема џамија на Балканот. вт/паг/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан