Епископот г. Партениј посака благословена четириесетница и меѓусебно простување
- Ден пред почетокот на велигденските пости, епископoт Антаниски г. Партениј, игумен на Свештената бигорска Обител, денеска упати порака со која посака благословен пост и добра четириесетница.

Дебар, 2 март 2025 (МИА) - Ден пред почетокот на велигденските пости, епископoт Антаниски г. Партениј, игумен на Свештената бигорска Обител, денеска упати порака со која посака благословен пост и добра четириесетница.
- Светиот и велик четириесетдневен пост е најстариот и најстрог пост во нашата света православна Црква. Неопходно е, христијаните за време на постот да се трудат во сите добродетели, пожртвувано да се даваат себе си за другите. Треба да се украсиме со најубавата добродетел - љубовта, која произлегува од верата и која ќе трае вечно, истакнува владиката.
Додава дека „не можеме да постиме доколку не се помириме и не им простиме на сите, особено на оние на кои ни е тешко да им простиме, зашто тука е подвигот на христијанската љубов“.
- Простете им на оние кои заслужуваат и на оние кои ти мислат лошо, нека осетат во душата и срцето како е да се биде човек, порачува владиката Партениј.
Во Бигорскиот манастир, каде по традиција, денеска престојуваат голем број верници, ќе се одржи вечерна богослужба за Прочка, која ќе заврши со Великопосната молитва на Свети Ефрем Сирин, која е проследена со големи поклони, како и со меѓусебното простување на верниците и монасите. вт/бак/
Фото: Бигорски манастир