• сабота, 23 ноември 2024

Енергетската криза предизвик за кумановските јавни претпријатија

Енергетската криза предизвик за кумановските јавни претпријатија
Куманово, 23 јануари 2022 (МИА) - Енергетската криза силно ги погоди кумановските јавни претпријатија. Паралелно растат цените на гас и на електрична енергија. Менаџерските тимови бараат поддршка за надминување на состојбата. Цените за енергенсите се зголемија неколкукратно. Буџетите на јавните претпријатија не одговараат на сè повисоките цени на гасот и на електричната енергија. Први за енергетската криза алармираа надлежните од ЈП „Куманово-Гас“ кои кажаа дека цената на гасот е зголемена за над 200 проценти, поради што дел од покрупните потрошувачи, но и домаќинства од Куманово кои се затоплуваа на гас почнаа да се префрлуваат на електрична енергија или екстралесно масло за затоплување. Домот за стари лица „Зафир Сајто“, библиотеката „Тане Георгиевски“, две детски градинки, неколку индивидуални семејни куќи, се откажале од гасот како начин на затоплување и се префрлиле на други енергенти. Директорот на ЈП „Куманово-Гас“, Марко Митровски информираше дека на 31 декември, лани цената кон потрошувачите била 30 денари, сега изнесува 80 денари за метар кубен. -За месец јануари, бидејќи имаше големо покачување, ни најавија од компанијата снабдувач „Пром Гас“ дека ќе има покачување, веќе ја знаеме цената е 75 денари по метар кубен. Доволни количини засега имаме, се снаоѓаме, уште на почетокот на декември склучен е договор со снабдувачот за месец јануари каде што беше побарано од наша страна некаде околу 140.000 метри кубни гас за јануари. Со оглед на настанатата криза во цела Европа така и кај нас, ние добивме за користење 93.000 метри кубни гас тоа е некаде околу 3.000 кубици по ден, изјави Митровски. До крајот на грејната сезона, средина на март не се очекува да се намали цената на гасот. Градинките беа меѓу првите во Куманово кои пред петнаесетина години се приклучија на гасификациската мрежа, тогаш како евтин, а сè уште еколошки енергент. Директорката на градинката, Марина Алексовска информираше дека две од градинките целосно ги префрлиле на гас, а две на екстралесно масло. Четири од осум објекти се затоплувале на гас. -По добиените сознанија од ЈП „Куманово Гас“ ни беше кажано да го редуцираме. Како установа ние работиме со деца од јасли до шест години, така што не би можеле редуцирано да го користиме, туку за да можат децата да имаат нормално затоплување, како и секогаш тие четири објекти кои комбинирано се затоплуваат, одлучивме два објекти да останат останаа исклучиво на гас, а двата да ги префрлиме на екстралесно гориво, изјави Алексовска. Таа рече дека во ниту еден случај нема да се остават децата без затоплување, и оти уште отсега е објавен тендер за екстралесно масло за во арпил годинава. Големиот потрошувач покриениот затворен базен времено е затворен поради високите цени на струјата и на гасот. ЈП „Чистота и Зеленило“ одлучи времено да го затвори поради високи цени на гас и струја. Одлуката е донесена поради тоа што цената на гас за месец јануари се зголемува од 25 на 80 денари за метар кубен, што е трикратно зголемување на цената. Претпријатието до неодамна се снабдувало со електрична енергија на отворен пазар. -Цената на струјата имавме договор на тендерска постапка со понудувач, меѓутоа пред неполн месец самата фирма го раскина договорот со ЈП и веќе не сме на слободен пазар. Користиме цена директно којашто ни ја дава ЕВН и која ја наплаќа според во моментот како се движи струјата. Тие цени може да достигнат и до десетпати да бидат повисоки, или попрактично кажано за да биде запознаена јавноста, цената на гас овој период во минатата година се движела од 500.000-600.000 денари, очекувана цена за месец јануари е 1, 5 до 1, 6 милиони денари, додека за струја цената се движела од 200.000 до 300.000 денари само за градскиот базен, цената на струја за месец јануари би можела да достигне и до 1, 5 милиони денари. Тоа се сериозни трошоци и расходи за ЈП кое не може да ги издржи овие цени и да продолжи со работа градскиот базен, бидејќи со овие сметки ние не можеме да ги покриеме трошоците и загубата на градскиот базен, изјави директорот на претпријатието, Даниел Стојчевски. Клубовите кои организираат пливање, спортските педагози жалат за ваквата состојба. На ниво на Куманово осум клубови тренираат деца од училишна и предучилишна возраст, над 300 рекреативци секојдневно пливаат. Стручните лица сметаат дека временото затворање на затворениот градски базен поради енергетската криза и паузата можат негативно да се одразат врз учениците, рекреативците и спортистите. Професорот Југослав Спасиќ и претседател на Здружението на спортски педагози, вели дека наредниве месеци ќе биде тешко да се одржат во форма пливачите. Тој предлага повеќе чекори за надминување на состојбата. Спасиќ предлага општинскиот сојуз на спортови да одвои средства за стимулирање на клубовите за набавка на справи, наменети за пливачките техники, а за децата со попреченост ќе биде потребно да се обезбедат карти за спа центри, во кои овие месеци додека не функционира базенот каде би продолжил нивниот рехабилитациски процес. -Би било добро доколку има конференциски сали или објекти каде што се затоплува и се држат состаноци во слободни термини клубовите да можат да ги искористат за теоретско знаење, учење на техниките од друга перспектива, за добра правилна, спортска исхрана, дишења, да ги продлабочат своите знаења и од една непријатна состојба да бидеме мудри, одржливи и да направиме уште поголема корист, вели Спасиќ. Уште едно претпријатие од Куманово „Водовод“ стравува од високи сметки за електрична енергија од годинава. И тие како и нивните колеги од „Чистота и Зеленило“ се снабдувале со електрична енергија на отворен пазар до пред извесен период. -Најголем потрошувач е пречистителната станица. ЈП Водовод Куманово септември 2021 склучи договор за снабдувач на електрична енергија, кој во ноември нè извести дека го раскинува договорот. До септември месец цената била 3,5 денари киловатчас со новиот договор цената се искачи на 6, 8 денари од 1. јануари, годинава, 2022 снабдувач на ЈП водовод е универзалниот снабдувач ЕВН, каде што цената на електрична енергија за јануари 2022 може да достигне до 33 денари киловатчас. Тоа ќе значи зголемување на електрична енергија за преку 350 проценти, изјави директорот на ЈП „Водовод“, Оливер Стојмановски. Тој појаснува дека лани сметката во септември била 1, 1 милион денари, декемвриската, 2,1 а сега очекува 8,6 милиони денари. Пречистителната станица, Фабриката за вода и двете пумпни станици работат со полн капацитет. Во ЈП „Водовод“ најголем потрошувач е токму пречистителната станица со ланска, просечна месечна сметка за 800.000 денари, фабриката за вода трошела околу 400.000 денари, додека двата дополнителни системи кај Митев мост и Бедиње трошеле по 350.000 денари. Двете претпријатија преку здружението на даватели на комунални услуги на ниво на државата ќе бараат помош од Владата. На градскиот базен постои можност за делумна заштеда на електрична енергија преку соларни панели за загревање, но како што информираше Стојчевски, три панели биле нефункционални. Тие ја загревале само водата за туширање, не и целиот амбиент на огромниот простор. „Чистота и Зеленило“ планира да постави и фотоволтаици на покривот. Истиот чекор планира да го преземе и ЈП „Водовод“, особено за пречистителната и за фабриката за преработка на вода. Двете претпријатија преку здружението на даватели на комунални услуги планираат да побараат помош од државата за надминување на енергетската криза. На средба на владиниот економски тим со делегација на ЗЕЛС се разговарало за надминување на предизвиците од енергетската криза и како што стои во владиното соопштение, Владата за секое прашање, кое е важно за граѓаните води отворен дијалог. Се подвлекува и отвореноста за соработка со единиците на локална самоуправа за заедничко надминување на тековните предизвици. - Сите теми кои се важни за граѓаните, за нормално функционирање на општеството треба да се дискутираат и да се најдат најсоодветни решенија кои се во општ интерес. На состанокот, се согласија предизвиците со кои се соочуваат единиците на локална самоуправа да се елаборираат детално, да се направат соодветни анализи и да се предложат соодветни решенија за нивно надминување, се наведува во соопштението на Владата. Александра Максимовска

Остани поврзан