• петок, 22 ноември 2024

Електронско пријавување за упис во средно образование од 20 до 25 јуни

Електронско пријавување за упис во средно образование од 20 до 25 јуни

Скопје, 18 јуни 2024 (МИА) - Од четврток (20 јуни) до вторник (25 јуни до 15 часот) ќе се спроведува првото електронско пријавување на учениците за запишување во средно образование за учебната 2024/2025 година. Второто пријавување во јунскиот уписен рок ќе биде на 1 и 2 јули до 15 часот. 

Со цел да се оптимизира процесот за запишување во средните училишта, Министерството за образование и наука  и оваа година овозможи електронско аплицирање.  Пријавувањето е преку линк до порталот за електронски услуги на МОН (https://e-uslugi.mon.gov.mk)  со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk.

Од МОН појаснија дека регистрација на системот нема да биде потребна и најавата ќе се врши исклучиво со корисничките сметки на schools.mk.

-Упатството за логирање/најава во системот и пополнување на пријавата ќе биде поставено со линк на страната за логирање/ најава, посочи МОН.

На крајот на март МОН го објави  Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за
учебната 2024/2025 година. Во него се наведени потребните документи, начинот на аплицирање и конкурсните рокови. 

Конечната ранг-листа со резултатите од запишувањето и слободните места по првото пријавување, секое училиште треба да ја објави на 26 јуни најдоцна до 9 часот, на јавно место во училиштето и/или на училишната интернет-страница.

Во училиштата каде што ќе има квалификациско тестирање ќе се организира на 28 јуни, а конечните ранг-листи со резултатите ќе бидат објавени на 28 јуни на јавно место во училиштето. хс/са/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан