• вторник, 27 јануари 2026

ЕК ќе му помага на „Гугл“ за исполнувањето на обврските од ДМА за интероперабилност и споделување податоци

ЕК ќе му помага на „Гугл“ за исполнувањето на обврските од ДМА за интероперабилност и споделување податоци

Брисел, 27 јануари 2026 (МИА) – Европската комисија денеска поведе два сета постапки за спецификација, со цел да му помогне на американскиот технолошки гигант „Гугл“ во исполнување на неговите обврски според Законот за дигиталните пазари (ДМА) на ЕУ.

Постапката за спецификација претставува формализиран регулаторен дијалог на Комисијата со одредена компанија за области поврзани со нејзината усогласеност со европското законодавство.

Првиот сет постапки се однесува на обврската на „Гугл“, во согласност со член 6 став 7 од ДМА, да им обезбеди на програмерите од трети страни бесплатна и ефикасна интероперабилност со хардверски и софтверски функции контролирани од неговиот оперативен систем „Андроид“. Постапка првенствено се фокусира на функциите што ги користат услугите на вештачката интелигенција, како што е „Џемини“.

Целта е да се обезбеди дека „Гугл“ на давателите на услуги за вештачка интелигенција од трети страни ќе им обезбедува еднакво ефикасен пристап до истите функции што ги користи и тој. На овој начин давателите на услуги од трети страни ќе имаат еднакви можности да иновираат и да се натпреваруваат во брзоразвивачкиот пејзаж на вештачката интелигенција на паметни мобилни уреди.

Вториот сет постапки се однесува на обврската на „Гугл“, во согласност со член 6 став 11 од ДМА, на трети даватели на онлајн-пребарувачки услуги да им овозможи пристап до анонимни податоци за рангирање, пребарување, кликови и прегледи што се чуваат во „Гугл срч“ под фер, разумни и недискриминаторски услови.

Според ЕК, ефективното усогласување и пристапот до корисен збир на податоци ќе им овозможи на трети страни даватели на онлајн-пребарувачки услуги да ги оптимизираат своите услуги и да им понудат на корисниците вистински алтернативи на „Гугл срч“.

Комисијата треба да ја заврши постапката во рок од шест месеци од нејзиното отворање. Во текот на следните три месеци Комисијата ќе ги соопшти своите прелиминарни наоди, во кои ќе ги наведе предлог-мерките што би требало да ги преземе „Гугл“ за ефикасно усогласување со ДМА.

Овие постапки по својата природа не значат став за усогласеност со ДМА и не се во спротивност со овластувањата на Комисијата да донесе одлука за непочитување на која било од обврските утврдени со Законот и да изрече казни. сп/јт/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан