• недела, 22 декември 2024

ЕК предлага речиси 120 милиони евра за земјоделците во ЕУ жртви на временски непогоди

ЕК предлага речиси 120 милиони евра за земјоделците во ЕУ жртви на временски непогоди

Брисел, 24 септември 2024 (МИА) – Европската комисија предложи од т.н. земјоделски резерви на ЕУ да се одвојат 119,7 милиони евра како директна поддршка за земјоделците од Бугарија, Германија, Естонија, Италија и Романија, кои беа погодени од исклучително неповолни климатски настани во текот на пролетта и почетокот на летото оваа година. 

Според предлогот на ЕК, во знак на солидарност 10,9 милиони евра треба да и се доделат на Бугарија, 46,5 милиони евра на Германија, 3,3 милиони на Естонија, 37,4 милиони на Италија и 21,6 милиони евра на Романија, наменети за обештетување на земјоделците во овие земји кои претрпеа штети во своето производство и приходи како последица на временските непогоди. Овие суми може да се надополнат и со средства од националните буџети во износ до 200 отсто. 

Доколку предлогот на Еврокомисијата биде одобрен од страна на земјите членки на состанокот на Комитетот за заедничка организација на земјоделските пазари предвиден за 7 октомври, петте држави за кои е наменета оваа помош ќе треба до 31 декември да го известат Брисел за критериумите на нејзина поединечна распределба, за планот за исплата на средствата, како и за евентуално обезбедување на дополнителна поддршка на оштетените земјоделци. 

Средствата од помошта треба да им се дистрибуираат на засегнатите земјоделци најдоцна до 30 април 2025 година, при што мора да се води сметка да не се предизвика нарушување на принципите на конкурентност со прекумерна компензација. 

Комисијата најави и дека дополнително ќе процени за евентуална исплата на помош и за земјоделците од други земји членки на ЕУ кои беа погодени од екстремните временски услови во втората половина на летото, како од поплавите во Австрија, Полска и Чешка и од сушата во Португалија. 

Согласно Заедничката земјоделска политика на ЕУ, за периодот 2023-2027 година предвидени се дополнителни средства од по 450 милиони евра годишно, наречени земјоделска резерва, наменети за надминување на нарушувањата на пазарот, производството или дистрибуцијата на земјоделски стоки предизвикани од вонредни настани или појави. 

Во првата половина на 2024 година, јужна Европа беше погодена од невообичаено високи температури и суши што влијаеја неповолно на производството на овошје, зеленчук и вино во Италија, на посевите од пролетната сеидба, особено на пченката и сончогледот, во Бугарија, како и на производството на индустриските култури и маслодајни семиња во Романија. Дополнително, на почетокот на летото дел од земјоделските површина во Романија беа погодени и од невреме проследено со силен град. 

Од друга страна, делови на Германија во април беа зафатени од ниски температури и мраз, кои нанесоа значителни штети на виновата лоза, но и на овошките кои почнаа да цветаат во март по невообичаено високите температури за тој период од годината.  

Естонија беше погодена од слични временски услови во текот на пролетта и од интензивни врнежи и поплави во првите недели од летото, што предизвика значителни штети на земјоделските култури, пред се компирите, маслодајната репка, овошјето и зеленчукот. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан