• недела, 22 декември 2024

ЕК: Посетата на Орбан на Тбилиси е на ниво на билатералните односи Грузија-Унгарија

ЕК: Посетата на Орбан на Тбилиси е на ниво на билатералните односи Грузија-Унгарија

Брисел, 28 октомври 2024 (МИА) – Денешна посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Грузија е во рамки на билатералните односи меѓу Будимпешта и Тбилиси и тој нема мандат да говори во име на ЕУ, порача денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Набила Масрали. 

- Можам да кажам дека посетата на премиерот Орбан на градот Тбилиси е исклучиво во рамките на билатералните односи меѓу Унгарија и Грузија. Премиерот Орбан нема добиено никаков мандат од Советот на ЕУ, рече Масрали.  

Таа најави дека прашањето за случувањата во Грузија ќе биде на дневен ред неформалниот Самит на ЕУ идната недела во Будимпешта, како и на заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата во ноември. 

На прашање дали ЕУ ги признава резултатите од саботните избори во Грузија или не, Масрали не даде конкретен одговор, нагласувајќи дека Унијата бара да бидат разјаснети и решени наводите за неправилности на изборите. 

- Не можеме да ги прејудицираме конечните резултати на овие истраги, но многу внимателно ќе го следиме целиот процес, рече Масрали, посочувајќи на  изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во врска со изборите.  

На прашање дали ЕУ смета дека исходот од изборите во Грузија е резултат на можна „специјална руска операција“ за мешање и влијание врз земјата, Масрали изјави дека Унијата внимателно ги следи ваквите појави. 

- Во предизборната и изборната кампања бевме сведоци на нивоа на дезинформации без преседан и остра анти-ЕУ реторика. Она што можеме да го кажеме е дека некои од наративите користени во текот на оваа кампања беа јасно и директно инспирирани од руската пропаганда, нагласи Масрали. 

Запрашана дали има докази дека за обиди на Москва за мешање во изборите во Грузија, Масрали даде потврден одговор.  

- Да, Русија се обиде да влијае на изборите во Грузија, додаде Масрали. 

Во врска со европската перспектива на Грузија, портпаролката на ЕК за соседска политика и проширување Ана Писонеро истакна дека земјата има обврски поврзани со спроведување на реформите и усогласување со европското законодавство. 

- Ситуацијата е многу јасна, многу добро знаете дека Европскиот совет практично го запре процесот на пристапување на Грузија поради демократското назадување што го видовме во последните месеци со одредени закони, за кои веќе ја изразивме нашата загриженост, рече Писонеро. 

Таа додаде дека станува збор за законите за транспарентност на странско влијание и за заштита на семејните вредности и малолетниците.

- Знаете дека во моментов ги финализираме нашите претстојни извештаи за пакетот за проширување, така што се надеваме дека сето ова секако ќе биде солидна основа за дискусии, додаде Писонеро. сп/

МИА Архива

 

Остани поврзан