• понеделник, 23 декември 2024

ЕК: Да се зајакне меѓуинституционалната соработка за заштита на културното наследство

ЕК: Да се зајакне меѓуинституционалната соработка за заштита на културното наследство
Скопје, 21 октомври 2021 (МИА) - Северна Македонија треба да ја зајакне меѓуинституционалната соработка во поглед на заштитата на културното наследство, при што важно е да се спречи градењето на дивоградби, особено во Охрид и Старата скопска чаршија, кои се прогласени за културно наследство од особено значење, оценува Европската Комисија во најновиот Извештај за напредокот на земјата. Комисијата потсетува дека ревизијата на правната рамка за култура и заштита на културното наследство, како и Националната стратегија за заштита на културното наследство беше дополнително одложена, и препорачува да се интензивира спроведувањето на Националната стратегија за развој на културата 2018-2022, но и да се обезбедат соодветни буџетски распределби. Според извештајот, потребно е да се поддржат културните политики кои се насочени кон стимулирање на развој на културните и креативните индустрии, кои би придонеле до економски развој но и поголема толеранција меѓу заедниците. Европската Комисија во извештајот препорачува и да се зајакне административниот капацитет на Министерството за култура. Потсетуваат дека активностите за спроведување на Конвенцијата на УНЕСКО од 2005 година за заштита и унапредување на различноста на културните изрази беа дополнително одложени. Според извештајот, учеството на земјата во програмата Креативна Европа е на задоволително ниво. Темите од оваа програма, како што се наведува во Извештајот, се слични како и во 2019 година, поточно фокусот беше ставен на ИКТ дигитални компетенции, државјанство на ЕУ и демократија на ЕУ, инклузија, вработливост и претприемништво, животна средина и климатски промени и младинско учество, при што младите добија 23 грантови, со просечен износ од 12,753 евра по грант и со вклучување на 144 организации учеснички минатата година.бт/ац/

Остани поврзан