• петок, 22 ноември 2024

„Еко - живот“ реагира на бетон околу дрвја во центарот, од Општина Кавадарци велат ненамерно е и ќе се поправи 

„Еко - живот“ реагира на бетон околу дрвја во центарот, од Општина Кавадарци велат ненамерно е и ќе се поправи 

Кавадарци, 9 април 2024 (МИА) - Друштвото за заштита на природата „Еко - живот“ од Кавадарци попладнево реагираше поради бетон околу дрвја во центарот на градот. Претседателот Роберто Паризов рече дека дрвјата потешко ќе се наводнуваат, а и се нагрдувал ликот на самиот дрворед, а имало и реакции од случајни минувачи, што биле изненадени од ваквата постапка. 

Од Општината Кавадарци рекоа дека при уредување на просторот околу дрвјата ненамерно дошло до ставање на тенок слој бетон на несоодветно место, од страна на изведувачот на работите на терен. 

- Не станува збор за грешка, туку за мало невнимание и без некоја лоша намера. Укажано му е на изведувачот и работите ќе бидат коригирани во најскоро време, рекоа од локалната самоуправа. 

Оттаму појаснија исто така дека станува збор за шпекулација дека се сече долгогодишниот јавор кај реката Луда Мара, што е препознатлив дел на градот и култно место за кавадарчани. 

- Само се уредува просторот околу дрвото за да може полесно да дише, нагласија од Општината. 

Од „Еко - живот“ ја поздравија одлуката за корекција и повикаа на поголема внимателност во иднина и редовна контрола по извршена работа, воведување на естетска комисија. свд/мд/

Фото: МИА 
 

 
 

 

Остани поврзан