• понеделник, 23 декември 2024

Еко-свест: Нова студија за исплатливоста на гасот – гасификацијата ќе биде прескапа

Еко-свест: Нова студија за исплатливоста на гасот – гасификацијата ќе биде прескапа

Скопје, 30 јануари 2024

Најновата студија покажува дека стратегиите и плановите за гасификација на државата ги потценуваат трошоците и ги преценуваат можностите на гасификацијата. Трошоците за изградба на целата гасна мрежа во државата може да надминат високи 1 милијарда евра. Притоа, со високите трошоци за инвестиции доаѓаат и високи трошоци за крајните корисници, што го прават приклучувањето кон овој енергенс неприфатливо скапо. Наспроти тоа, со истите тие средства би можело да се направат значителни мерки за енергетска ефикасност и производство на енергија во секое домаќинство.

Студијата иницирана од Еко-свест и изработена од Регионалниот центар за истражување на енергетски политики од Унгарија - РЕКК изработена од унгарски експерти направи анализа на состојбата и даде јасни заклучоци и насоки.

Студијата укажува дека цените на гасот во последниве години станаа многу нестабилни, а со тоа и трошоците за изградба на гасоводите се зголемија. РЕКК проценува дека треба да се очекува зголемување од најмалку 35 отсто во споредба со проценките во планот за гасификација, што ќе доведе до вкупни трошоци за изградба од 791 до 1,086 милијарди евра за гасоводната мрежа, без трошоци за користење на земјиштето и дополнителни инвестиции во компресорите.

Дополнително, трошоците за приклучоци, користењето на гасот и набавка на опрема ги надминуваат финансиските можности на доминантен дел од домаќинствата што евентуалното префрлање на овој енергенс го прави неисплатливо и тешко изводливо.

Под претпоставка дека корисниците на системот плаќаат за развојот и функционирањето на мрежата студијата проценува дека мрежната тарифа ќе се движи од 12 до 26,6 EUR/MWh што е 100 до 300 отсто повисоко од сега. Тоа укажува дека според сегашните регулативи, трошоците за мрежата се потценети.

Експертското моделирање на РЕКК откри дека доколку домаќинствата и другите корисници треба да ги платат вкупните трошоци за инвестирање во мрежата, мрежните тарифи би биле толку високи што ниту едно од домаќинствата нема да се префрли на гас.

Плановите за гасификација на Северна Македонија претпоставуваат високи стапки на поврзување на домаќинствата со гас. На пример, студијата на ЕБОР од 2020 година претпоставува дека ќе се приклучат од од 55 до 100 проценти од домаќинствата во зависност од општината. Но, оваа проценка се заснова на искуства од странство, додека во Македонија до 2022 година поради високата цена беа потребни повеќе од 12 години да се приклучат само

503 корисници директно на дистрибутивната гасоводна мрежа во Скопје, Куманово и Струмица.

РЕКК разгледа и што друго може да се направи со парите што се очекува да се потрошат за гасоводната мрежа. Откри дека, со шема во која државата покрива 90 отсто од трошоците и остава 10 отсто на домаќинствата, 49 отсто од едносемејни куќи може да бидат обезбедени со соларни фотоволтаични инсталации, а 40 отсто со топлонски пумпи (воздух-воздух) или 15 отсто би можеле да имаат термичка изолација зградата.

„Кога станува збор за субвенционирање на одредени мерки во овој сектор, опцијата за овозможување на субвенции од државата за приклучување кон гасната мрежа се смета за неоправдано бидејќи јавните пари треба да се трошат за одржливи и еколошки алтернативи, а не за фосилни горива кои за кратко време ќе треба да се напуштат“, изјави Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест и иницијатор на студијата.

Со постоењето на реални одржливи опции, крајно време е Северна Македонија да ја преиспита својата потрага по фосилен гас и да ги ревидира своите енергетски планови за да подобро се прилагоди за следните децении. Поддршката од Европската комисија и европските јавни банки треба да оди во насока на намалување на користењето на фосилни горива, а не кон стимулирање на нивното зголемено користење на сметка на граѓаните.

Студијата на РЕКК може да се преземе од следниот линк

 

Еко-свест

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан