Египет: Реставрација на населба со нов, но и со стар материјал, за да се зачува стариот шарм
- Според проектот, 23 целосно уништени градби се веќе обновени, а уште 15 се изградени врз оние што беа само делумно уништени.
Каиро, 21 ноември 2025 (МИА) - Обновувањето на вековна, но од времето нагризана населба кај Каиро, се спроведува со буткање на куќите и обнова користејќи нови материјали, но и материјал што останал од старите градби, за да се задржи дел од стариот шарм, објави „Н1“.
Како што велат реставраторите, според проектот, 23 целосно уништени стари градби се веќе обновени, а уште 15 се изградени врз оние што беа само делумно уништени. Населбата Дарб ал-Лабана се наоѓа на падина веднаш под повеќе од осум века старата тврдина на египетската престолнина - истакната знаменитост изградена од познатиот средновековен муслимански владетел Саладин, и се граничи со делот со историскиот болнички комплекс. Тесните улици и сокаци ги следат истите како на мапата нацртана од француските картографи за време на Наполеоновите походи во Египет од 1798. до 1801 година.
- Дури 50 отсто од градбите се целосно уништени. Остануваат само столбови. Други 20 насто се полууништени. Останатите згради не беа погодни за живеење. Планот за реставрација има за цел да изгради станови, а воедно да ги зачува оригиналните планови на улиците и фасадите, рече Наири Хампикијан - архитектонски инженер и стручњак за проектот.
Темелите се зајакнати и поставени се нови мрежи за канализација, водовод и електрична енергија.
- На жителите им беа понудени три опции - да се преселат во нови станови обезбедени на друго место, да прифатат пари за да се иселат или да прифатат пари за привремено изнајмување место за живеење додека не бидат готови обновените живеалишта, додаде Хампикијан.
Од 102 семејства што живееја во областа, 52 одлучија да се вратат кога проектот ќе заврши следната година. Од нив 20 домаќинства се на истата адреса. си/сд/
Фото: Фејсбук-објава, фотоисечок.