• среда, 29 јануари 2025

Европскиот совет по повод Денот на сеќавање на Холокаустот: Дискриминацијата, нетолеранцијата, расизмот и ксенофобијата се закани по демократските општества 

Европскиот совет по повод Денот на сеќавање на Холокаустот: Дискриминацијата, нетолеранцијата, расизмот и ксенофобијата се закани по демократските општества 

Брисел, 27 јануари 2025 (МИА) – Со одбележувањето на Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, на 80-тата годишнина од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен логор Аушвиц-Биркенау каде беа  убиени 1,1 милиони лица, се сеќаваме на невидените ужаси на Холокаустот, порачаа членовите на Европскиот совет во заедничка изјава по повод Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот - 27 јануари. 

- Повеќе од кога било, од клучно значење е да ја одржиме нашата одговорност да им оддадеме почит на жртвите на Холокаустот. Ние сме решени да се бориме против антисемитизмот и да го заштитиме и негуваме еврејскиот живот во Европа. Ги осудуваме сите форми на дискриминација, нетолеранција, расизам и ксенофобија и ќе преземеме решителна акција за справување со овие закани по демократските општества, се наведува во изјавата. 

Европскиот совет посочува и дека денес сме сведоци на пораст на антисемитизмот во Европа без преседан, невиден од Втората светска војна. 

- Најостро го осудуваме алармантниот пораст на насилните антисемитски инциденти, негирањето и искривувањето на Холокаустот, како и теориите на заговор и предрасудите против Евреите, се додава во изјавата, 

Според членовите на Европскиот совет, почитувањето на човечкото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и човековите права, вклучително и слободите на изразување и на верување, како и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата, „мора и ќе ги водат нашите постапки во секое време, во согласност со вредностите врз кои е заснована нашата Европска Унија и кои се заеднички за сите нас“. 

- „Никогаш повеќе“ е сега, се додава во изјавата на членовите на Европскиот совет  по повод Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан