• недела, 22 декември 2024

Европската воздухопловна индустрија бара итна поддршка од ЕУ

Европската воздухопловна индустрија бара итна поддршка од ЕУ

Брисел, 6 април 2020 (МИА) - Во заедничка изјава или апел поради „невидената криза со ликвидноста“, Европската воздухопловна индустрија ги повика институциите и членките на ЕУ да обезбедат итна, подобра и покоординирана поддршка за таа индустрија, која целосно запре и се бори да преживее поради пандемијата на Ковид-19.

- ЕУ мора да дејствува веднаш и да покаже преку авиоиндустријата, колку се важни принципите на солидарност и одговорност, кои ги застапува. Покрај економската важност, воздушниот транспорт има голем придонес во социјалната кохезија и културната вредност на Европа, а слободното движење на граѓаните и стоките е суштината на европскиот проект, а тоа не би било реалност без воздушниот сообраќај, се наведува во соопштението на Европската асоцијација на патничките агенции и туроператори (ЕЦТАА). Тие, исто така, предупредуваат дека авијацијата е стратешки важен сектор, кој најмногу придонесува за целокупната европска економија и вработување, а сега Европејците веќе не се во можност да патуваат поради кризата со коронавирусот, а аеродромите низ цела Европа не се оперативни. Важноста на авиоиндустријата за Европа е поткрепена и со податоците за повеќе од 12 милиони работни местта во таа индустрија и со над 800 милијарди евра вкупен придонес во европските економски активности. Тоа изнесува и 3,3 отсто од вкупната вработеност и 4,1 процент од вкупниот БДП во европските земји. Поради се тоа потписниците на апелот сметаат дека се потребни посилни проактивни мерки и акции за поддршка на индустријата и помош за нејзино натамошно заздравување. Тие ги поздравуваат досегашните иницијативи на Европската комисија за итна помош во целните области на животот и бизнисот. гт/

Остани поврзан