Европарламентот ја одбележува Неделата на родова еднаквост
- Потпретседателката на Европскиот парламент Антонела Сберна, која е задолжена за реализација на програмата за одбележување на Неделата на родова еднаквост, порача дека задача на ЕУ треба да биде уривање на половите бариери, кои повеќе не треба да постојат.
Брисел, 3 ноември 2025 (МИА) – Во рамки на Неделата на родова еднаквост, од денеска до петок, Европскиот парламент ќе организира серија настани и дебати посветени на стеснување на јазот на родовата нееднаквост во образованието и на создавањето услови за рамноправен кариерен напредок на жените.
Се очекува во дискусиите да стане збор не само за прашањето на праведност и еднаквост меѓу половите, туку и за можностите за користење на талентот на жените преку образованието, обуката и вработувањето за да се поттикне економскиот раст и напредок.
Потпретседателката на Европскиот парламент Антонела Сберна, која е задолжена за реализација на програмата за одбележување на Неделата на родова еднаквост, порача дека задача на ЕУ треба да биде уривање на половите бариери, кои повеќе не треба да постојат.
- Иднината на Европа зависи од нашата способност да го негуваме талентот: од училниците до управните одбори, од лабораториите до парламентите. Европа мора да стане место каде што секој талент може да напредува, рече Сберна.
Од поважните настани, за утре попладне е предвидена дебата на тема „Соочување со јазот меѓу талентите: Создавање услови за блеснување на секој талент“, на која е најавено учество на извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен, генералната секретарка на Европскиот економски и социјален комитет, Изабел Ле Гало Флорес, како и на неколку жени вработени во научно-истражувачки и образовни институции.
В среда ќе се одржи расправа за женското лидерство во политиката во парламентарниот Комитет за правата на жените и родова еднаквост, на која ќе присуствува и претседателката на Парламентот, Роберта Мецола.
Европскиот парламент секоја година ја одбележува Неделата на родовата еднаквост со организација на серија настани посветени на промовирање на правата на жените и девојчињата и на постигнување на родова еднаквост. Одбележувањето на Неделата на родовата еднаквост на ваков начин започна во 2020 година. сп/
Фото: Европски парламент