• понеделник, 23 декември 2024

Евробарометар: Педесет и еден отсто од Хрватите позитивно го оценуваат пристапот на нивната земја во еврозоната

Евробарометар: Педесет и еден отсто од Хрватите позитивно го оценуваат пристапот на нивната земја во еврозоната

Загреб, 22 ноември 2023 (МИА) - Помалку од една година откако Хрватска влезе во еврозоната, само 51 отсто од хрватските граѓани сметаат дека заедничката валута е добра за нивната земја, покажуваат резултатите од истражувањето на Евробарометар објавено денеска, објавија хрватските медиуми.

Истражувањето беше спроведено телефонски во 20-те земји-членки на еврозоната во периодот од 3 до 9 октомври 2023 година и опфати 18.667 лица на возраст од 15 и повеќе години.

На прашањето дали плаќањето во евра е добра работа за нивната земја, испитаниците во Хрватска искажале најмала поддршка. 51 процент од нив велат дека е добро за нивната земја, 36 отсто велат дека е лошо, а 10 посто немаат мислење.

Еврото има најголема поддршка во Финска, каде 85 проценти од испитаниците велат дека постоењето на еврото е добра работа. Потоа следат Естонија и Словачка (и двете по 84 посто) и Ирска (81 отсто).

Во просек, 69 посто од испитаниците во еврозоната сметаат дека постоењето на еврото е добра работа за нивната земја.

Од друга страна, 79 отсто од интервјуираните во 20-те земји членки на еврозоната сметаат дека еврото е добра работа за Европската унија.

Најголема поддршка за еврото е прогласена во Словачка (90 проценти) и во Финска (88отсто), а најмала во Летонија (70 посто) и Кипар (72 отсто).

Во Хрватска 76 отсто од испитаниците велат дека еврото е добро за ЕУ.

Седумдест и два посто од испитаниците во Хрватска сметаат дека преминувањето од националната валута куна на евро влијаело на растот на цените. Дваесет и три проценти сметаат дека тоа влијаело на зголемување на цените на некои производи и услуги, а три посто сметаат дека цените главно останале исти.

Триесет проценти од испитаниците во еврозоната велат дека со воведувањето на еврото се чувствуваат поевропски од порано. Најмал број луѓе кои се чувствуваат така е забележан во Хрватска (15 отсто) и во Шпанија (20 посто), а најголем број во Ирска (55 проценти), Малта (46 отсто), Португалија и Словачка (и двете по 40 посто) .

Седумдесет проценти од анкетираните го поддржуваат планот од 723 милијарди евра за помош на земјите-членки да се опорават од кризата со коронавирус. мс/

фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан