• среда, 04 декември 2024

ЕАСА ги прошири препораките до компаниите да избегнуваат летови над Либан и Иран

ЕАСА ги прошири препораките до компаниите да избегнуваат летови над Либан и Иран

Париз, 30 ноември 2024 (МИА) - Европската агенција за воздухопловна безбедност (ЕАСА) денеска ги прошири своите препораки до авиокомпаниите да избегнуваат летови над Иран и Либан и да применуваат „ригорозен процес на прелетување“ кога летаат над Израел и покрај прекинот на огнот со либански Хезболах, што стапи на сила во средата.

Препораките ќе траат до 31 јануари и не се обврзувачки, а конечната одлука ја има секоја национална управа за цивилно воздухопловство.

„Примирјето меѓу Израел и Хезболах ги намали тензиите. Меѓутоа, целокупната ситуација на Блискиот Исток останува неизвесна и компаниите треба внимателно да го следат“, се наведува во соопштението на ЕАСА.

По израелските напади врз Иран „на 1, 25 и 26 октомври проследени со најава на Иран за одговор, иранскиот воздушен простор претставува голем ризик“, додава оваа агенција на ЕУ.

Во Либан, државата „не покажа способност да одговори на заканите во воздушниот простор со примена на ефективен и проактивен пристап за намалување на ескалацијата на ситуацијата“, се додава во соопштението.

Од друга страна, Националната управа за цивилно воздухопловство на Израел „покажа способност за управување со ризиците во својот воздушен простор“, што ја натера ЕАСА да препорача само зголемена внимателност при летање над земјата.

ЕАСА „ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата со цел да процени дали има зголемување или намалување на ризикот за операторите на авиони во ЕУ“, додаде агенцијата.сд/

Остани поврзан