• понеделник, 23 декември 2024

ДФРМ: Предложениот буџет за филм за 2025 година не е доволен за покривање на потребите на кинематографијата

ДФРМ: Предложениот буџет за филм за 2025 година не е доволен за покривање на потребите на кинематографијата

Скопје, 15 ноември 2024 (МИА) - Друштвото на филмски работници во Македонија (ДФРМ) денеска испрати отворено писмо до министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во кое укажуваат дека предложениот буџет за филм за следната година не е доволен за покривање на потребите на кинематографијата. Тие бараат  ревидирање на предлогот, и ја истакнуваат неопходноста за кадровска консолидација во Агенцијата за филм.

-Во момент кога сме длабоко навлезени во четвртиот месец од мандатот на в.д директорката на Агенцијата за филм, период во кој снимања речиси и да нема, не е потпишан ниту еден договор за финансирање на веќе одобрени проекти, не е прегледан ниту еден извештај за наменско трошење на средства, исплатите кон тековни и веќе реализирани проекти се стопирани и во кој годинешниот конкурс за производство на филмови е поништен, радоста исчезна, а одржувањето на надежта стана невозможно, се вели во писмото на ДФРМ.

Тие велат дека македонските продуценти секојденево се соочуваат со притисоци и закани за меѓународни тужби и откажување на соработки, а државата престанува да биде дел од европското филмско семејство. Загрозено е, како што додаваат, и нивното членство во значајни регионални, европски и светски организации и асоцијации.

-Во време кога филмските професионалци се во немилост и страдаат за елементарна егзистенција, а филмските продукции бараат алтернативни начини да опстанат, дојде и информацијата дека во предложениот буџет за 2025та година, ставката за филм изнесува само 2.4 милиони евра, бројка која е пониска и од основниот буџет за 2024 година. Оваа вест, секој еден филмаџија ја дочекува во шок и неверување. Во изминатите неколку години ДФРМ многупати јавно укажуваше дека е потребно стандардизирање на буџетот за филм по претходно утврдени параметри, а особено во текот на 2023 година во неколку наврати алармираше дека проектираниот буџет од страна на Министерството за култура за филмската дејност за 2024 година, не е доволен за елеметарно да се покријат потребите на нашата кинематографија, потенцираат во писмото/.

Тие бараат од Владата, од Министерството за култура и Министерството за финансии ревидирање на овој предлог и проектирање на реален буџет за филм. 

-Веруваме дека Министерството за култура ќе ги земе во предвид нашите укажувања и нема да ја продолжи погубната политика од минатите години, затворајќи ги очите пред успесите на македонскиот филм, ниту ќе го игнорира фактот дека нашите филмови се апсолутен предводник во промоцијата на македонската култура во светот. Исто така, убедени сме дека после долго време Министерството ќе покаже вистинско разбирање за специфичноста на филмската дејност и начинот на кој филмаџиите ја остаруваат својата материјална егзистенција, потенцираат од Друштвото на филмски работници.бт/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан