• среда, 16 септември 2026

„Духовна светлина и воспев“ - концерт во црквата „Свети Никола“ во Куманово

„Духовна светлина и воспев“ - концерт во црквата „Свети Никола“ во Куманово

Куманово, 17 април 2026 (МИА) - Во црквата „Св. Никола“ во Куманово, вечер со почеток во 19 часот ќе се одржи концерт, насловен „Духовна светлина и воспев“, во изведба на „Симфониум“ при гимназијата „Гоце Делчев“ и е под диригентство на професорот Филип Петровски. Публиката ќе има можност да проследи и изведба на музика од „Кавалерија Рустикана“ од Пјетро Маскањи.

Професорот Петровски ги покани кумановци да бидат дел од ова музичко доживување.

- Ги повикувам кумановци да го прославиме празникот преку убавината на звукот, обединувајќи ги луѓето во духот на светлината, мирот и заедништвото во светиот храм. Народот да ги слушне безвременските класици и да доживее нови чувства во вистинска смисла на музиката и нејзината возвишена моќ-изјави Петровски.

Според професорот, концертот е резултат на долг процес на работа, и визијата музиката да не остане само во рамките на наставата, туку да стане живо искуство за учениците и за публиката.

- Како педагог, мојата мисија е музиката да излезе од училниците и да заживее таму каде што најсилно одекнува. Оваа иницијатива се роди од желбата да им подариме врвна уметност на кумановци и да доживеат нешто што досега не било случај во нашиот град-вели Петровски.

Тој посочува дека целта е граѓаните да ги слушнат музички класици, дела што остануваат актуелни поради универзалните човечки вредности што ги носат. Подготовките за концертот траеле со месеци, а за младите музичари процесот бил повеќе од техничко усовршување.

-Ова беше патување на трпение и себедисциплина. Учениците не само што ги вежбаа нотите, туку учеа како да дишат и да чувствуваат како едно тело, внесувајќи ја својата младост и искреност во секој такт-нагласува професорот.

Токму во оваа синергија, според него, лежи и суштината на класичната музика, таа не е само изведба, туку емоционален простор во кој се препознаваат емпатијата, добрината и визијата за подобар свет. За учениците, настапот со „Симфониум“ претставува прво вистинско сценско искуство и момент кога теоријата добива живот. Намерата, како што посочува диригентот, е публиката за момент да застане од секојдневниот ритам. ам/

Фото МИА и Гимназија

 

Можно е и ова да ти се допаѓа