• вторник, 03 февруари 2026

Дурмиши: Ќе поддржиме сè што ќе договорат синдикатите и работодавачите за минималната плата, нема одлука за зголемување на платите на функционерите

Дурмиши: Ќе поддржиме сè што ќе договорат синдикатите и работодавачите за минималната плата, нема одлука за зголемување на платите на функционерите

Скопје, 3 февруари 2026 (МИА) - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска уште еднаш повтори дека Владата ќе го поддржи секој предлог што ќе биде заеднички прифатен и од синдикатите и од работодавачите во однос на минималната плата. Треба да има, рече Дурмиши, зголемување и на минималната и на другите плати, но тоа мора да биде постепено, со сигурност и во стабилна економска рамка.

- В четврток имаме состанок со синдикатите од УПОЗ, идните денови ќе има и седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), на која, најверојатно, ќе бидат присутни и синдикатите и рабодотавачите. Ако предлогот биде прифатен од сите фактори, односно од сите членови на ЕСС, ние како Влада и Министерство сме таму да ги поддржиме. Нашиот став во рамките на ЕСС сме го кажале од почеток - ако се договорат синдикатите и работодавачите, ние сме таму да им излеземе во пресрет на двете страни. Ние ја гледаме целата слика, ја имаме предвид сликата на сите граѓани - и на вработените во јавниот сектор и на вработените во приватниот сектор. Сме го кажале ставот и стоиме на тоа - да има зголемување на минималната и на другите плати во јавниот сектор, но тоа да биде постепено, со сигурност, да има стабилна економска рамка - потенцира Дурмиши одговорајќи на новинарски прашања по настанот во Владата на кој беше презентиран Законот за работно ангажирање лица.

Министерот повтори дека Владата веќе ги зголеми платите во јавниот сектор.

- Ги зголемивме платите уште првата година во здравството, образованието, полицијата, пензиите... Ние со вработените во јавниот сектор имаме договор преку трипартитниот дијалог и речиси 85 проценти веќе се решени. Останаа уште 7.700 вработени, но и со нив предложивме да седнеме, да се договориме, да им излеземе во пресрет - истакна Дурмиши.

Тој информира и дека не е донесена одлука за зголемување на платите на функционерите.

- Ќе видиме каква е ситуацијата откога овој месец ќе излезат податоците од Државниот завод за статистика и соодветно ќе постапиме. Лани донесовме одлука со која ги ограничивме платитите на функционерите, односно предвидовме да се зголемуваат како и платите на сите други вработени во јавниот и приватниот сектор. Овој месец ќе излезат податоците од Државниот завод за статистика од кои ќе видиме каква е ситуацијата и соодветно ќе постапиме. Стоиме на тој став дека нема да донесеме одлука со која ќе се зголемат платите на функционерите. Минималната плата ќе биде нивелирана или зголемена во март за 7 или 8 отсто, што значи дека во 2028 година ќе имаме зголемување за 40-ина проценти. Значи, да излезат податоците и ќе донесеме одлука - како што постапивме лани така ќе постапиме и оваа година - истакна Дурмиши. мч/вг/

фото/видео: МИА 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан