• недела, 22 декември 2024

ДСЗИ бара формирање комисија за да се утврди дали имало пропусти во лекувањето на новороденчето од Ресен

ДСЗИ бара формирање комисија за да се утврди дали имало пропусти во лекувањето на новороденчето од Ресен

Скопје, 24 јуни 2024 (МИА) - Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе иницира формирање на комисија со цел да се утврди дали имало пропусти во начинот на лекување на родилката и новороденчето од Ресен кое почина 30 часа од породувањето. 

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат информираат дека на 20 јуни е извршен вонреден инспекциски надзор во битолската Болница и на Клиниката за детски болести во Скопје, како и во приватната здравствена установа „Д-р Тони“ во Битола. 

Од увидот во неонатолошката документација е констатирано дека новороденчето било доносено и при раѓање имало ливидна кожа, ослабен тонус, ослабени рефлекси и брадикардија. 

- Веднаш е направена аспирација, вештачка вентилација, тактилна стимулација и срцева масажа. Ординирана е терапија, направени се лабораториски анализи (крвна слика и ацидобазен статус) на ден 14.06.2024 и 15.06.2024. Поради влошување на клиничката слика на ден 15.06.2024 година од страна на неонатлог од битолската Болница по претходна консултација со анестезиолог од КАРИЛ и ЈЗУ УК за детски болести - Скопје извршен е транспорт со медицинско возило но во тек на транспортот доаѓа до дополнително влошувањена општата состојба со брадикардијата. При прием на Клиниката за детски болести новороденчето е без срцева акција и дишење, спроведена е реанимациска постапка по протокол, без одговор на истата и е констатиран Exitus letalis во 16.55 часот. Упатената дијагноза е P22.9 (респираторен дистрес синром) а причина за смртта Insufitientio cardiorespiratoria, се наведува во соопштението.  

Од ДСЗИ информираат дека согласно надлежностите, направен е увидот во медицинската евиденција и документација на одделението за гинекологија и акушерство како и на неонаталошкото одделение во ЈЗУ КБ Битола.

Констатирано е дека родилката се јавила во здравствената установа на ден 14:06.2024 година заради болки кои перзистирале два дена. Извршен е преглед од страна на специјалист гинеколог-акушер, направени две кардиотокографски иследувања и примена е на одделот за гинекологија и акушерство за породување со царски рез со оглед на тоа што ова и била втора бременост. Во 2012 година исто така била породена со цариски рез. Земени се примероци за лабораториска анализа - крвнa слика и анализи за фактори на коагулација и крвна група во службата за трансфузиологија.

- Породувањето е извршено со спинална анестезија во 11:43 часот на наведениот датум за што постои писмена согласност од страна на родилката. По породувањето, и наредниот ден 15.06.2024 година постојано се следи нејзината здравствена состојба и вршени се лабораториски анализи, се наведува во соопштението од ДСЗИ.

Нејзината бременост претходно е следена од матичниот гинеколог во „Д-р Тони“ во Битола каде според здравствениот картон се имала јавено во неколку наврати почнувајќи од декември. 

Инспецискиот надзор беше извршен по налог на заменичката-министерка за здравство Маја Манолева откако медиумите објавија дека новороденче починало откако поради влошената здравсвена состојба е пренесено од битолската Болница на Детската клиника во Скопје. бак/аа/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан