• четврток, 14 ноември 2024

ДСЗИ: Времено затворени кујните во шест училишта во Карпош

ДСЗИ: Времено затворени кујните во шест училишта во Карпош

Скопје, 10 ноември 2023 (МИА) - Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) по вонредниот инспекциски надзор поради појава на салмонела ги затвори училишните кујни на училиштата „Војдан Чернодрински“, „Јан Амос Коменски“, „Братство“ и „Христијан Тодоровски - Карпош“, како и централниот магацин од каде се дистрибуираат прехранбените продукти. Забраната за работа на училишните кујни, како што се додава во соопштението, ќе важи до отстранување на наложените санитарно - хигиенски и противепидемиски мерки. 

- Заклучно со вчера, според добиениот податок од ЈЗУ Центар за јавно здравје - Скопје пријавени се вкупно 12 ученици со симтоми - стомачни тегоби и покачена телесна температура со докажан причинител - бактерија салмонела. Од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со решение, времено се затворени кујните во сите шест посетени основни училишта, како централниот магацин од каде се дистрибуираат прехранбените продукти, се наведува во соопштението.

Забраната за работа на училишните кујни, како што се додава, ќе важи до отстранување на наложените санитарно - хигиенски и противепидемиски мерки, што опфаќаат генерално механичко чистење на просторот и опремата, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена установа како и до добивање на негативни резултати од земените брисеви од работните површини и опремата.

- Постапувањето по добиените резултати од земените примероци храна, е во надлежност на Агенцијата за храна и ветеринарство. Државниот санитарен и здравствен инспекторат е во постојана комуникација со ЈЗУ Центар за јавно здравје - Скопје, кој ја следи епидемиолошката состојба на терен, се појаснува во соопштението.

Претходниот ден, од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведен е вонреден инспекциски надзор во објект - централен магацин со кој стопанисува ДПТУ „Ванила фуд“ - ДООЕЛ Скопје, од каде се снабдуваат со прехранбени продукти, кујните во училиштата на територија на општина Карпош, како и во кујните на училиштата „Димо Хаџи Димов“ и „Владо Тасевски“. Тоа, по добиена дојава од ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје - одделение за епидемиолгија, за појава на заболување кај седум деца од различни училишта во општина Карпош со дијагноза „salmonellosis“.

- Вонредниот инспекциски надзор е извршен во соработка со Агенција за храна и ветеринарство, ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје  и ЈЗУ Институт за јавно здравје. Согласно надлежностите на ДСЗИ, земени се брисеви од работни површини и опрема, како и брисеви од жива средина - брис од грло и нос и копрокултура на вработени лица во посетените објекти, а од страна на АХВ примероци од храна од централниот магацин и кујните, се истакнува во соопштението на ДСЗИ. бд/ев/

Фото: МИА архива

Остани поврзан