• четврток, 16 април 2026

Драмски театар Скопје и Дајнерс клуб Македонија потпишаа договор за партнерство

Драмски театар Скопје и Дајнерс клуб Македонија потпишаа договор за партнерство

Скопје, 27 март 2026 (МИА) - Драмски театар Скопје и Дајнерс клуб Македонија потпишаа договор за партнерство со кој компанијата ќе биде покровител на настаните на ДТС во годината кога театарот одбележува осум децении постоење. 

Покрај средствата од Владата и Министерството за култура и туризам, настаните на ДТС и неговите активности во рамки на гостувањата надвор од државата ќе бидат помогнати и од спознорството на Дајнерс клуб Македонија. 

На Светскиот ден на театарот договорот денеска го потпишаа директорот на Драмски театар Скопје, Роберт Вељановски, и директорот на Дајнерс клуб интернатионал Мак АД Скопје, Тони Јанковски.

Вељановски се заблагодари за довербата од оваа финансиска компанија и изјави дека со договорот, кој, рече, е нова димензија на  меценството, ќе се поттикне развојот на нови проекти и активности во интерес на публиката.

-Театарот отсекогаш опстојувал благодарение на заедницата и од оние кои верувале дека уметноста е неопходна за развојот на едно општество. Културата низ историјата се развивала благодарение на луѓе и институции кои препознавале дека вложувањето во уметноста е влог во трајни вредности. Поддршката од општествено одговорни компании и стопанственици е модел што создава стабилност, развој и видливост и верувам дека во иднина ќе се развива ваквата поддршка на театарот од деловни субјекти, истакна Вељановски. 

Директорот на Дајнерс клуб Македонија, Тони Јанковски, изјави дека се заемни честа и задоволството од формализирањето на договорот.

-Да бидеме партнери во година кога славите јубилеј не е  само славење на вашиот јубилеј, туку и јубилеј на културата, и не само на Скопје, туку и на целата држава. Така што навистина ни е чест да соработуваме и верувам дека тоа ќе продолжи и во иднина, изјави Јанковски. 

Светскиот ден на театарот – 27 Март во Драмски театар Скопје се одбележува и со крводарителска акција во фојето на тетарот, од 11 до 17 часот. 

Вељановски рече дека веќе имаат одѕив од заинтересирани граѓани да даруваат крв, вклучително и од ансамблот на Драмски.

-Идејата е да го споиме убавото со корисното и ова благородно дејствие што го правиме овде, во Драмскиот театар, да има некаков бенефит во државата, рече директорот на ДТС. хс/са/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан