• петок, 22 ноември 2024

ДПИ: Во јануари спроведени над 1500 инспекциски надзори, издадени прекршочни платни налози во вредност од над 9 милиони денари

ДПИ: Во јануари спроведени над 1500 инспекциски надзори, издадени прекршочни платни налози во вредност од над 9 милиони денари

Скопје, 4 февруари 2023 (МИА) - Државниот пазарен инспекторат минатиот месец спровел повеќе од 1500 надзори на цела територија на Република Северна Македонија при што констатирани се прекршоци од страна на субјектите за што се издадени прекршочни платни налози во вредност од над 9 милиони денари.

Како што соопштија од Државниот пазарен инспекторат, при тоа  над 30 прекршочни платни налози издадени се според Закон за трговија ,над 100 прекршочни платни налози според Законот за финансиска дисциплина, над 40 во однос на Законот за заштита од пушењето, над 10 прекршочни платни налози за Закон за заштита на потрошувачите и над 20 прекршочни платни налози за прекршоци во однос на Законот за вршење угостителска дејност.

Државниот пазарен инспекторат врши континуирани инспекциски надзори и кај трговците на големо и трговците на мало во делот на почитување на Одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки односно за ограничување на маржата. Се санкционира секое отстапување од највисоко утврдената маржа од 5% и 10% во трговијата на мало и трговијата на големо.

Според оваа Одлука за ограничување на маржата кај основните прехрамбени производи, во месец јануари 2023 година извршени се над 300 инспекциски надзори и не се забележани отстапувања од предвидените ограничувања за маржата, наведуваат од ДПИ.

-Како институција ќе ги ангажираме сите расположливи ресурси, за тековно постапување и спроведување на законските регулативи од кои произлегуваат нашите надлежности. Пазарениот инспекторат постојано врши надзори и постапува во согласност со законите, годишниот и стратешкиот план за работа. Дополнително, покрај редовните контроли, постапува и по пријави доставени од граѓаните и им излегува во пресрет за секое прашање поврзано со нашите надлежности и делокруг на работа, стои во соопштението од Државниот пазарен инспекторат.

ДПИ спроведува инспекциски надзори над примена на законите и прописите кои го опфаќаат работењето на правните и физичките лица, но и примената на прописите од областа на забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност и изрекува мерки со цел отстранување на утврдените неправилности и доследно спроведување на законите. Целта на надзорите е подобрување, контрола и зајакнување на веќе постоечкиот економски систем како и одржување функционален пазар насочен кон заштита на правата на трговците и потрошувачите со пласирање на безбедни производи. вг/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан